вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 87 ново

Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка

На италијанскиот павилјон во Кан за време на копродукцискиот настан, директорот Тозија, се обрати кон присутните претставувајќи го новиот концепт за стратегијата на АФРМ, со акцент на важноста на копродукциите со земјите од регионот и пошироко

Агенцијата за филм потпиша неколку договори за регионална и европска соработка-со Бугарија еден ден пред Самит во Софија, соопштија од Агенцијата за филм.

Непосредно пред почетокот на престојниот Самит на земјите од Западен Балкан што ќе се одржи денеска, на 17 ман во Софија, директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија со директорката на Бугарскиот филмски центар Жана Караиванова, во Кан го усогласија и го потпишаа текстот што ќе биде основа за да се потпише и да стапи во сила Договорот за копродукција на аудиовизуелни дела и меѓусебна соработка меѓу двете земји на полето на филмската уметност.

На потпишувањето на договорот присуствуваа филмски продуценти и режисери од двете земји, кои долго време ја очекуваа оваа спогодба за да можат да ја олеснат и да ја продлабочат взаемната соработка.

Пред три дена на 13 мај, во рамките на Канскиот Филмски Фестивал, Агенцијата за филм потпиша и договор за соработка и со филмската институција од Косово со Арбен Зарку, а почна и со разговори за потпишување на договорот со Мишел Плазанет од Centre national du cinema (CNC). Остварени се и контакти со „Телефилм Канада“ со кои исто така ќе се верификува соработката меѓу двете кинематографи.

Македонскиот штанд завчера беше посетен од директорот на грчкиот филмски центар Василис Космопоулос, каде што со Тозија разговараше за идната соработка помеѓу двете земји, и иницираа потенцијална соработка на конкретни проекти.

На италијанскиот павилјон во Кан за време на копродукцискиот настан, директорот Тозија, се обрати кон присутните претставувајќи го новиот концепт за стратегијата на АФРМ, со акцент на важноста на копродукциите со земјите од регионот и пошироко.

– Меѓудругото во нашата стратегија е особено значајно да се истакне грижата за женските филмски авторки и продуцентки на кои преку востановениот коридор за соработка ќе им биде олеснета можноста за реализација, како и поддршката за младите автори, во кои треба да се вложи бидејќи тие се иднината на филмската дејност – рече Тозија.

Од почетокот на годинешното издание на Канскиот филмски фестивал, штандот го посетија голем број на филмски професионалци, каде што беше промовирана нашата земја како дестинација за снимање филмови и беа претставени домашните остварувања, кои годинава се дел од оваа реномирана манифестација.  На присутните им беа поделени промотивни материјали и детално се запознаа со Македонија и со нејзиниот филмски потенцијал.

На промотивниот настан присуствуваше екипата од филмот „Дивата круша“, чиј копродуцент е Македонија и е во официјалната селекција на Канскиот фестивал. Беа претставени и домашните остварувања кои се дел од филмскиот маркет – двата долгометражни, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филма, „Една“ на Вук Митевски и „Готлиб“ на Крсте Господиновски.

Агенцијата за филм годинава стави акцент на унапредување и подобрување на промоцијата на Македонија како дестинација за снимање поради што подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Дополнително, на 9 мај во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“, Агенцијата за филм закупи простор за објава со која се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top