петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 111 ново

Тереза Меј во официјална посета на Македонија

Делегација на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, предводена од премиерката Тереза Меј денеска ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.

Церемонијата за добредојде на британската делегација, како што соопшти владината прес-служба, ќе се одвива на платото пред Владата на Република Македонија, по што е предвидена тет-а-тет средба меѓу премиерите Зоран Заев и Меј.

Според програмата за посета на Меј на Македонија, предвиден е и билатерален состанок на македонската и британската владина делегација. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери ќе приреди прием во чест на британската премиерка Меј, која, патем, ќе има обраќање. Поканети да присуствуваат на приемот се политичари, функционери, воени лица и идни лидери.

Претходно британската премиерка ќе се сретне со активисти на ЛГБТ заедницата по повод Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

Тереза Меј во Македонија доаѓа по Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Софија. Меј е биде првиот британски премиер кој дошол во посета на Западен Балкан по 1999 година, кога во регионот го посети поранешниот премиер Тони Блер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top