недела, 15 јули 2018 | Вести денес: 75 ново

Макрон – Заев: Решавањето на спорот за името е позитивно и сериозно наследство за Македонија

Премиерот Зоран Заев вечерва во Софија имаше билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, кој изрази задоволство од разговорите. Како што соопшти Заев преку својот Фејсбук профил, се разговаралао за актуелните политички прашања како и билатералните односи помеѓу двете земји.

– Во искрена и пријателска атмосфера, вечерва остварив средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која разговаравме за актуелните политички теми од интерес на Европската Унија, регионот и Република Македонија, како и за билатералните односи на нашата земја со Република Франција. Истакнав дека се бориме за иста Европа. Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме заложбите за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот, вели Заев на Фејсбук.

-Франција со внимание ги следи политичките процеси во регионот и во Македонија. Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името. Решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија, рече францускиот претседател Емануел Макрон на вечерашната средба со премиерот Зоран Заев во Софија.

Макрон изрази честитки за реформите што ги презема Македонија. Воедно истакна дека Франција ќе ја поддржи нашата земја во позитивната динамика на спроведувањето на промените и во забрзување на прогресот.

Премиерот Заев информира дека Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

– Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот, рече Заев на средбата со Макрон.

Заев и Макрон се согласија дека е неопходно Западен Балкан да ги зајакнува врските со ЕУ за да се одржи европската перспектива на регионот.

Заев и Макрон утре ќе учествуваат во официјалната програма на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top