сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 81 ново

Англија го објави конечниот список: Саутгејт со млад состав ќе патува на Мундијалот

Селекторот на Англија Герет Саутгејт ја објави својата листа од 23 играчи на кои ќе смета за време на завршницата на Светското првенството во Русија. Кон групата се додадени и пет резерви кои можат да бидат повикани при повреда на некои од фудбалерите, вклучени во главната група.

Деветнаесет-годишниот десен бек на Ливерпул, Трент Александар-Арнолд, кој одигра многу силна сезона за Ливерпул, доби прва покана, откако во март Саутгејт го покани да тренира со првиот тим пред контролните со Холандија и Италија. Рубен Лофтус-Чик кој оваа сезона играше под наем во Кристал Палас од Челзи, исто така, се најде во групата, а тоа дефинитино е едно од најсериозните изненадувања.

Големите имиња кои се отсутни, за кои медиумите на Островот информираа уште вчера, се Џо Харт и Џек Вилшир кои имаат вкупно над сто натпревари за „трите лава“.

Како изненадување се прифаќа и одлуката да не биде повикан Адам Лалана, кој веќе се опорави од својата повреда. Халфот на Ливерпул е меѓу петте резерви на Саутгејт. Крис Смолинг и Џонџо Шелви исто така се аут.

Алекс Окслеид-Чембрлен, Џо Гомез и Алфи Моусон, кој во понеделникот беше опериран, го пропуштаат Мундијалот поради повреди.

Англија ќе одигра две контролни средби пред почетокот на Светското првенство – со Нигерија и Коста Рика.

„Трите лава“ го започнуваат учеството на Мундијалот со дуел со Тунис (18-ти јуни). Панама (24 јуни) и Белгија (28-ти јуни) се останатите ривали на Англичаните во групната фаза.

Составот на Англија за СП 2018:

Голмани: Џек Батланд, Џордан Пикфорд, Ник Поуп

Одбрана: Џон Стоунс, Фил Џонс, Кајл Вокер, Гери Кејхил, Дани Роуз, Хари Мегваер, Трент Александар-Арнолд, Ешли Јанг, Киеран Трипиер

Среден ред: Џордан Хендерсон, Ерик Даер, Деле Али, Џеси Лингард, Рахим Стерлинг, Фабијан Делф, Рубен Лофтус-Чик

Напад: Хари Кејн, Џејми Варди, Маркус Рашфорд, Дани Велбек

Резерви: Том Хитон, Луис Кук, Џејмс Тарковски, Џејк Ливермор и Адам Лалана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top