петок, 25 мај 2018 | Вести денес: 47 ново

Штедливиот Димитров: Имавме на гости министер но никој не сакаше да го носи на ручек

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, на еден од панелите во Софија во рамки на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, зборуваше за аспирациите на Македонија во ЕУ и порача дека Македонија заслужува признание затоа што се менува.

„Се менуваме. Го менуваме начинот на кој се води политиката, го менуваме системот, имаме поголема транспарентност,“ пренесува „Дојче веле“

Промените за кои зборуваше Димитров ги раскажа преку анегдота.

„Меѓу министрите во владата има натпревар за тоа кој ќе потроши помалку. Пред две недели имавме на гости министер од една голема држава. Сите сакаа да се видат со него, но никој не сакаше да го носи на ручек”, рече шефот на македонската дипломатија.

Во врска со прашањето за името, рече дека е потребно чудо за спорот да биде решен.

„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда. Во последниве години гледавме во погрешни векови, но денес сме тука во 2018 година. Македонија загуби генерации чекајќи да мрдне на патот. Го гледаме возот на ЕУ како минува и сакаме да го фатиме”, рече Димитров.

Според него, по позитивниот извештај од Европската комисија, Македонија со право очекува и добивање датум за почеток на преговори.

„Ќе биде трагедија доколку на Македонија не ѝ се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ“, рече Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top