понеделник, 19 ноември 2018 | Вести денес: 114 ново

Обвинетиот Агим Исмаиловиќ даде контрадикторни изјави за денот на убиството кај Смилковци

Третообвинетиот Агим Исмаиловиќ во случајот „Монструм“ на распитот пред судот даде контрадикторни изјави за критичниот ден кога биле убиени момчињата на Смилсковското Езеро. Исмаиловиќ пред судот рече дека на 12 април 2012 година бил на работа во интернет кафуле. Подоцна рече дека можеби бил дома и извршувал верски обред.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи му предочи исказ даден кај истражен судија, во кој што тој тврдел дека работел на поставување канализација во неговиот дом. Тој го потврди исказот што го дал пред истражен судија, па обвинителката Фетаи го праша неколку пати да се потсети што точно се случувало критичниот ден и кои од исказите кои што ги дал за неговото алиби се точни.

Обвинетиот рече дека се познавал со останатите обвинети. Фетаи инсистираше на одговор дали и кога последен пат се слушнал со неговиот брат Африм, кој е во бегство и за кого е распишана меѓународна потерница. Тој рече дека последен пат со неговиот брат се слушнал преку Вибер, откако Врховниот суд ги укина пресудите на пониските судови. На прашање на судот каде живее сега брат му, Агим Исмаиловиќ рече дека не знае и посочи да прашаат во косовската полиција.

Тој тврдеше дека полициски инспектори и „алфи“ го малтретирале во полициската станица во Кисела Вода, на што обвинителката постави прашање дали тоа го пријавил во полиција и во болница. Обвинетиот одговори дека колку што се сеќава во болница не пријавил, а неговиот адвокат Насер Рауфи поднел пријава за постапувањето на полициските службеници. Исмаиловиќ тврдеше дека дента на убиството не се видел со обвинетите Хаки и Фејзи Азири.

Макфакс.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top