недела, 20 мај 2018 | Вести денес: 23 ново

На концертот во Камерната сала на Филхармонија, пијанистката Дуња Иванова ќе ги изведе Мајкл Најман, Стив Рајх и Тери Рајли

Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје

Пијанистката Дуња Иванова вечер ќе одржи концерт во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од современи композитори, а како гостинка ќе настапи македонската композиторка Ана Пандевска.

На концертот ќе бидат изведени неколку композиции од филмот „Пијано“, чија музика ја создаде влијателниот Мајкл Најман, како и „The Heaven Ladder“ од Тери Рајли и „Clapping Music“ од Стив Рајх, сите претставници на минимализмот, музички правец кој од средината на минатиот век создаде нова димензија во класичната музичка уметност.

Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со солистичка и камерна концертна дејност досега се претставила во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки. Настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото.

Со свои трудови од областа на музичката теорија и практика учествувала на трибините на Здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Дуња Иванова од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје. Автор е на книгите „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top