понеделник, 24 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Самсоненко: Доцниме со плата затоа што мене ми е тешко да издржам, не сум добил никаква помош од државата

Вардар постигна огромни успеси, за коишто спортските ентузијасти во Македонија можеа само да фантазираат и ретко кој можеше да предвиди дека ќе станат дел од нашата спортска историја. Ако пред една деценија некој ви кажеше дека во иста година РК Вардар ќе стане европски шампион, ЖРК Вардар – европски вицешампион, а ФК Вардар ќе игра во групна фаза на Лига Европа, веројатно ќе му реплициравте дека може само да сонува.

Високите дострели комплетно ја променија спортската клупска реалност во Македонија, а ништо од тоа немаше да биде возможно без Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен кој речиси пет години несебично инвестира во „црвено-црното“ семејство.

Во Македонија живеете од 2006 година. Се чувствувате ли исто како и кога дојдовте?

Самсоненко: За шест месеци, ќе навршам 12 години како сум во Македонија. Се чувствувам многу добро во оваа земја, таа е навистина убава и ја чувствувам како моја. Има добри луѓе. Некогаш има меѓу луѓето проблеми и љубомора која е беспотребна, но генерално – луѓето се многу добри и слични по карактер и менталитет со луѓето во Русија. Тоа е главната причина зошто сум тука, а не на друго место.

Инвестирате пет години во целиот спорт. За толку кратко време успеавте да направите европски шампион во машкиот ракомет, вицешампион во женскиот и фудбалски учесник во Лига Европа.

Самсоненко: Клучот на успехот во вардаровото семејство е многу работа и посветеност. Секако, тука е и спортската среќа која секому му е потребна. Во женскиот ракомет и во машкиот ракомет и во фудбалот направивме големи успеси. Можеби изгледа дека во женскиот ракомет проектот завршува без успех затоа што нема злато, но тоа е погрешна слика. ЖРК Вардар досега не бил на врвот на Европа, но од првата година константно сме на Ф4. Од основањето, па сѐ до крајот. Ние сме единствена екипа од цела Европа на која ѝ успеало тоа. Рамо до рамо со нас беше Будуќност, кој четири пати по ред играше на Ф4, но сега само Вардар е со такво достигнување. Тешко е да се остварат големи резултати, посебно во машкиот ракомет, каде е поголема конкуренцијата. Но, ете, ние успеавме да донесеме европско злато, европско сребро, европска бронза и да бидеме првиот тим кој играл во групната фаза на натпреварување на УЕФА.

Кога влеговте да инвестирате во Вардар, дали беа кај вас поставени овие очекувања? Се очекуваше ли за пет години да се дојде до спортски успех каков што во Македонија досега немало?

Самсоненко:
Секогаш имавме и сѐ уште имаме највисоки очекувања. На пример, во фудбалот јас сакав да ја освоиме Лига Европа, но тоа е нереално ако сме искрени. На секој меч секогаш сакаме да победуваме, во сите колективи. Без исклучок за кого и каде се работи.

Многу контроверзии го пратат Вардар – доцнење на плати, судски спорови, несогласувања, заминувања на играчи поради незадоволство… Вистина или зли јазици?

Самсоненко: Ние две години доцниме со плата во сите екипи. Но, секогаш сѐ е исплатено. Доцниме со плата затоа што мене ми е тешко да издржам. За скоро шест години, јас не сум добил никаква помош од државата. Мала помош имаше од спонзорите, благодарност до нив, но тоа е многу мала сума за ваков голем проект. Во изминативе две години јас веќе користам и кредити, продавам мој имот, што можеби не е нормално, но правам сѐ за да ги исплатам сите што се обврзале на соработка со нас. Јас не се кријам од тоа. Можам да кажам дека ниеден спортист не си заминал неисплатен. И нема да остане никој неисплатен. Јас нема да бидам должен никому. Имам респект кон моите играчи кои исто така се коректни и имаат разбирање. Некогаш секако дека постои нервоза поради ситауциите, но секогаш играчите го добиваат она што им следува. Никогаш немало лоша струја меѓу нас. Се има разбирање од двете страни. Лошо е кога се доцни, но тешко е да се одржуваат многу инвестиции, кога немаш повратни средства од истите.

Какво е финансиското салдо, колку доби Вардар од изминатата година која беше најуспешна?

Самсоненко: Оваа година единствено сме на „нула“, или евентуално мал плус во фудбалот, ако добиеме еден случај поради кој сме на суд. И тоа не зборувам за трошоците за инфраструктурата, туку за тековните трошоци. За случајот Балотели сме на суд. Не сакавме да си оди, но тој побара и го ослободивме. А, на крај останавме и без играч и без пари – 500.000 евра. Исто така, жалам и за Спировски. Но, кога играч веќе не сака да остане во Вардар, логично е да го ослободиме. Добивме премногу мала сума за него, а тој е одличен играч. И тоа важи не само со него, туку и за секој друг играч. Кај нас, за нешто повеќе од четири години што сум во Вардар, сите играчи што заминаа – не сме сакале да ги ослободиме така лесно. И присилно не сме избркале никого.

Каква е вашата иднина во Македонија?

Самсоненко: Јас и претходно кажав дека ќе се бориме докрај и во лошо и во добро и ќе се трудиме да останеме како клуб во сите сегменти. Единствена промена ќе претрпи само женскиот ракометен тим. Женскиот ракомет не е толку популарен како машкиот. И покрај сѐ, јас ќе продолжам да се борам. И да инвестирам во Вардар. Засега немам никакви други планови.

Повеќе на Гол.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top