петок, 25 мај 2018 | Вести денес: 48 ново

Владата продолжува да се задолжува – нови 16 милиони евра

Владата продолжува да ги задолжува граѓаните и стопанството. Денеска продаде 12-месечни државни записи без девизна клаузула во вредност од 16 милиони евра по каматна стапка од 1%. За утре достасуваат за враќање над 12 милиони евра. И додека експертите негодуваат дека парите наместо за кредитирање на бизнисот, главно завршуваат за финансирање на државата, министерството за финансии се задолжува веќе втор пат месецов или десетти пат од стартот на годинава. Министерот Тевдовски кога ја презема функцијата рече дека ќе се задолжува помалку пати месечно, најчесто два пати , но на поголеми износи. Само во првиот квартал годинава, задолжувањето надмина 300 милиони евра.

Поради растечкиот тренд на задолжување, се зголемува и јавниот долг. Тој ја надмина границата од 5 милијарди евра, а државниот долг се приближи кон 4.3 милијарди евра.
За скоро една година, вкупното задолжување надмина 1.6 милијарди евра. Аналитичарите во повеќе наврати напоменаа дека и домашното задолжување е еден од начините за прибирање средства, но и дека многу е важно на што се трошат овие пари. Податоците се поразувачки бидејќи освен за тековни потреби, само 7% од капиталните инвестиции се реализирани во првиот квартал, а производството на метали е намалено за 18 отсто.
Лани економијата стагнираше, односно економскиот раст изнесуваше нула, а странските инвестиции во висина од 227 милиони евра беа пониски за повеќе од 100 милиони евра споредено со 2016-та година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top