понеделник, 12 ноември 2018 | Вести денес: 86 ново

По шокот со бензините, неизбежен афтершок со цените на сите производи

Поскапото гориво негативно влијае врз сите сектори во земјава. Транспортери, преработувачи, пекари, земјоделци. Сите алармираат дека се пред тежок удар кој тешко дека ќе можат да го издржат.

Гласот го креваат сите, а најгласни се земјоделците, кои дополнително се гневни што власта ги излажа дека ќе добијат зелена нафта. Но наместо тоа добија поскапо гориво. Фармерите се жалат дека и сега едвај врзуваат крај со крај, а последното покачување на горивото, тешко дека ќе можат да го издржат.

Земјоделците се жалат и на пласманот и откупните цени, кои сега биле најголем проблем. Велат дека без државна помош тешко ќе опстанат.

Секое зголемување на горивото негативно се одразува и врз транспортерите. Според Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“, и сега се возело со загуби, а тоа се одразувало на крајната цена на производите.

Власта и натаму останува глува на нашите барања околу промена на Законот за акциза, додава Муративска. Вели дека мора час поскоро да се делува, за бизнисот да не тоне во загуби.

Инаку, цените на нафтените деривати од ноќеска се продаваат поскапо. Бензинот се купува по цена од 73,50, односно 71,50 денари за литар. Цената на дизел горивото е 63 денари за литар.

Во меѓувреме, според државната Статистика, платите на граѓаните се намалуваат, а трошоците за живот растат.

Колку за потсетување, бранот поскапувања почна од 1 јануари годинава, со зголемување на акцизата на нафтата за 3,5 денари.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top