петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 112 ново

Промоција на новата збирка раскази „Океан од слики“ на Томислав Османли

Утре, 16 мај ќе се одржи промоцијата на новата збирка раскази „Океан од слики (Раскази и каприча)“ на истакнатиот македонски писател Томислав Османли, која деновиве излезе од печат во издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје. За книгата ќе говорат Лидија Капушевска Дракулевска и Владимир Мартиновски. Извадоци од книгата ќе чита актерот Ане Блажовски.

Промоцијата ќе се одржи во Салонот 19:19, при Културно информативниот центар во Скопје со почеток од 19:19 часот.
За книгата, рецензентот проф. д-р Владимир Мартиновски, ќе истакне:

„Во уметноста на раскажувањето некои писатели го ползуваат наративниот потенцијал на односот текст – слика, создавајќи различни типови дискурси при раскажувањето на приказната (трансмедиjален, мултимедиjален, мешан или синкретичен). На македонската сцена Томислв Османли е клучното име во овој домен, а тоа се должи како на неговото творечко искуство со филмското сценарио и драматургијата така и на неговиот теориски интерес за мешаните дикурси (…)

Во најновата збирка раскази со парадигматичен наслов „Океан од слики“ – раскази и каприча Томислав Османли создал серија сугестивни мешани дискурси во рамките на кратката проза, одново остварени со раскажувачка инвентвност и оригиналност на застапените раскази – постапка која во неговиот прозен опус е најавена уште во извонредната книга раскази „Каприча“.“

 

Томислав Османли (1956) е автор на дваесет и четири книги романи, раскази, теорија, драмски текстови и филмски сценарија. Дипломирал право, а целиот живот се занимавал со уметничко творештво и со новинарство во културата.
Збирката раскази и новели Светилка за Ханука (Форум, 2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Неговата прозна книга Дваесет и првиот (Блесок, 2010) ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Истата година беше избрана за македонски претставник во натпреварот за наградата „Балканика“. Книгата е превена и објавена на поголем број јазици.

Автор е на пет збирки раскази и на три романи: неговите раскази од збирката Светилка за Ханука се објавени во голем број респективни списанија во Европа и во светот, при што целата збирка во превод на англиски и на ладино ја објави бриселското списание за сефрдска култура „Лос Муестрос“. Неговиот втор роман Зад аголот (Магор, 2012) е објавен во Турција и во Србија. Најнов роман му е негативната утопија Бродот. Конзархија (Магор, 2016).
Прозните текстови и книги му се објавувани во книги и во списанија во странство, на: англиски, француски, српски, руски, грчки, бугарски, хрватски, полски, романски, ладино (јудео-шпански), арапски, турски јазик.
Автор е на повеќе објавени и реализирани драмски текстови. Неговата пиеса Двајца во Еден (Two in Eden) 1998 беше поставена на сцената на театарот John W. Gaines во Њупорт, Вирџинија, а потоа селектирана и прикажана на театарскиот Blue Ridge Festival во Ричмонд, главниот град на Вирџинија, САД.
Со книгата драмски текстови Ѕвездите над Скопје (The Stars over Skopje), заедно со 12 други балкански книжевници, беше воведен во Литературниот годишник на Енциклопедија Британика (Encyclopedia Britannica) за 2001. година.
За монодрамскиот текст Уште едно небо, во 2002 година ја доби Првата награда за најдобар текст на конкурсот на 4. Фестивал на монодрамата во Битола. Под насловот Облачна исповед 2008 година текстот беше поставен на малата сцена на Драмскиот театар.
Неговиот авторски потпис се наоѓа на повеќе главно наградувани сценарија за играни проекти: Луѓе без адреса (1976), Ѕвездите на 42та (1984), Скопски сновиденија (1987), Смок лета по небото (Стрмоглави) (1999), играно-документарен монтажен филм По повод Манаки (2006).
Играниот филм Ангели на отпад (Angels of the Dumps, 1995), работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим; а, посебно, на специјална дводневна програма на Американскиот филмски институт (АФИ) во Националната киносала на Центарот Кенеди во Вашингтон, САД.
Преведува драмски и книжевни дела од англиски и од грчки јазик. Меѓу нив, во 2011 година го објави клучното дело на Никос Казанѕакис, неговата филозофска поема Духовна вежба – Салваторес Деи или Аскеза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top