недела, 20 мај 2018 | Вести денес: 27 ново

Кејт Бланшет го предводеше „женскиот марш“ во Кан

Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Салма Хајек, Леа Сејду, Агнес Варда и уште десетици талентирани дами поведоа масивен „женски марш“ на црвениот тепих на фестивалот во Кан, кој има за цел да покаже нееднаквост меѓу жените и мажите во кино индустријата.

Пред премиерата на филмот „Girls Of The Sun“, 82-те жени кои се вклучени во маршот, го минаа во молк патот до скалите на Фестивалската палата, каде Кејт Бланшет, која е претседател на жирито оваа година, прочита говор, напишан од неа и 89-годишната Агнес Варда.

– На овие скали денес стојат 82 жени, претставувајќи ја бројката на жените режисери кои ги искачиле овие скали од првото издание на филмскиот фестивал во Кан во 1946 година до денес. За истиот период, 1.688 машки режисери се искачија по истите скали. За овие 71 години на фестивалот имало само 12 жени кои биле претседатели на жирито. Престижната „Златна палма“ била врачена на 71 мажи режисери – премногу за да ги споменуваме поименично, но само на две жени – Џејн Кампион и Агнес Варда, која е со нас денес. Жените не се малцинство во светот, но сегашната состојба на нашата индустрија вели поинаку – изјави Бланшет, додека останатите стоеја во целосна тишина.

– Како жени ние сме соочени со единствени предизвици, но стоиме заедно на овие скали денес, како симбол на нашата решителност и посветеност кон прогресот. Ние сме режисери, продуценти, сценаристи, актерки, кинематографики, талентирани агентки, уреднички, дистрибутерки и сите сме солидарни со жените од сите индустрии. Скалите на нашата индустрија мора да бидат достапни за секого. Ајде да се искачиме – заврши Бланшет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top