петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 112 ново

Скопје се претвoра во голема депонија: Што бараат камиони без таблички во Дрисла? (ГАЛЕРИЈА)

Скопје изгледа станува главна депонија во државава, од причина што во Дрисла се носи отпад од целава држава, Струга, Тетово, но и останатите градови. Прибирањето на целиот отпад во главниот град, ги осудува  скопјани да дишат најзагаден воздух, но она што кај граѓаните внесува дополнителна дилема е прашањето  што бараат камиони без таблички во скопската депонија Дрисла. Дали се води контрола на она што се внесува во Дрисла и што всушност пренесуваат овие камиони и од каде?

 

ВМРО ДПМНЕ неодамна обвини дека криминалниот картел на власт го претвораат Скопје во голема депонија.

-Отпадот од повеќе градови од државата ќе се носи во Скопје, со што се загрозува животната средина и здравјето на скопјани.Во Скопската депонија Дрисла во моментов се транспортира ѓубре од Тетово, а истото се планира и со сметот од општина Струга. Дрисла не може и не смее да биде депонија каде ќе се носи отпад од цела држава. Тука се работи за тони и тони дополнителен отпад кој е во распаѓање и е исклучително штетен, како за животната средина, така и за здравјето на граѓаните. Скопјани не го заслужуваат тоа. Со ваквиот начин на управување на Дрисла, Скопје со сигурност ќе го дише најзагадениот воздух во државата. Квалитетот на воздухот нема да се подобрува, туку ќе се влошува. СДСМ пред изборите не им кажа на граѓаните дека планира од Дрисла да направи депонија за целата држава– обвинија од ВМРО ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија посочи дека СДСМ ги излажа скопјани.

-Во предизборната кампања едно од главните ветувања поради кое ја доби довербата на жителите на град Скопје беа ветувањата на чист град и чистиот воздух. Граѓаните чекаат одговори, дали градот Скопје дозволи носење на сметот од депонијата во Струга во Дрисла? Дали позади ова се крие некаков бизнис интерес? Со оглед дека сметот ќе се подигнува во овој момент само од општини кои се под контрола на ДУИ дали ова е предмет на некој коалициски договор на СДСМ-ДУИ – нагласија од ВМРО ДПМНЕ.

Граѓаните кои живеат во населената места во близина на депонијата Дрисла се незадоволни од нејзината локација и најавија протести. Љубе Јаневски, еден од незадоволните граѓани кажа дека оваа депонија е причина за зголемен број на случаи на болни од рак во местата што се блиску до депонијата.

-Со таа депонија сега си имаме големи проблеми. При секое движење на камионите полни со смет, без разлика дали доаѓаат од град Скопје или доаѓаат од околните села. Со самото движење камионите за собирање на сметот не се погодни за тоа и како се движат по асфалтот течат разни течности и хемикалии, изјави Јаневски.

Тој вели дека тоа е причина за непријатна миризба и побара за носење на сметот да се користат возила кои ќе бидат добро затворени како не би доаѓало до овој проблем. Тие бараат од градоначалниците на градот Скопје и општина Кисела Вода, Петре Шилегов и Филип Темелковски, да се реши проблемот.

-Ако градоначалникот Шилегов не преземе ништо, ние ќе се организираме, сите околни места, ќе направиме протест и ќе ги блокираме патиштата. Ова што се прави сега е неиздржливо, во околните места, особено Пинтија, Батинци, Љубош, според некои информации има поголем број на случаи заболени од карцином, изјави Јаневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top