среда, 15 август 2018 | Вести денес: 34 ново

Уживање со Дуке Бојаџиев: „Тука ил Америка, свири иста музика“

Со громогласен аплауз, стоечки овации и враќање на бис беше награден Дуке Бојаџиев, македонскиот пијанист, композитор и продуцент кој синоќа во Македонската филхармонија го одржа првиот од двата закажани концерти насловени како „Сон, верба, љубов“. Вториот концерт е закажан за вечерва во 19,30 часот во Македонската филхармонија.

Освен македонскиот њујоркчанец кој 19 години живее и работи во „главниот град на светот“, на сцената беа и одличниот кларинетист Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас, дополнети со жичан квартет во состав: Владимир Крстев-прва виолина, Маја Ефремова-Шеќерова-втора виолина, Марко Виденовиќ-виола и Марија Михајловска-виолончело. Гости на концертот беа личната долгогодишна семејна пријателка и пејачка Тијана Дапчевиќ и актерката Наташа Петровиќ. Оваа „македонска, а светска банда“ како што Бојџиев ги нарече своите пријатели на сцената на публиката и приредија двочасовно уживање во филмската музика која тој ја создава, но и многу лични моменти кој тој беше спремен да ги сподели со присутните.

Концертот беше отворен со темата „Катарина“ од филмот „Устав на Република Хрватска“ на режисерот Рајко Грлиќ. Потоа следеше „Разбој“, која, како што изјави Бојаџиев е напишана специјално за овој концерт. Со актерката Петровиќ во дует ја испеаја „Сон“, а публиката беше фасцинирана од специфичниот глас на актерката која потоа рецетираше стихови од поетесата Ана Бунтевска. При крајот на концертот Петровиќ рецитираше поезија од великанот Петре М. Андреевски како вовед во темата „Тео“, специјално напишана за синот на Бојаџиев, Теодор. Слушнавме и музика од новиот филм на култниот режисер Вељко Булајиќ, „Бегство кон морето”, кој ќе има своја премиера подоцна годинава, но и популарниот шлагер на таткото на Дуке, покојниот Тодор Бојаџиев, „Ти си некаде“.

„Тука ил Америка, песна една утеха, свири иста музика, срцево ми запира“, Дојди, кај мене, земи ме во преграт бескраен, однеси ме“… се дел од стиховите на „Дојди“, која двапати ја отпеа Тијана. И токму во овие стихови е сржта на концертот, но и сето творештво на Дуке Бојаџиев. Тој успеа во намерата публиката да ги почувствува сите негови емоции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top