четврток, 22 ноември 2018 | Вести денес: 33 ново

Дуке Бојаџиев, композитор: Филмската музика ме донесе таму каде што сум сега во животот и кариерата!

Македонија ми е неисцрпен извор на инспирација. Ова е прв пат да напишам наменски тема инспирирана од самото доаѓање и концертот. Ќе ми причини огромно задоволство да ја споделам со сите вас. Настапите во Македонија ми се секогаш и причина да дојдам и да ја видам фамилијата и пријателите со кои пораснав, а сето тоа има голем додатен емотивен и креативен импакт врз мене, вели Дуке.

Дуке Бојаџиев, македонскиот композитор, продуцент и пијанист, повторно е во Скопје. Најде, како што вели „уште една причина да дојде во својот неисцрпен извор на инспирација“. Малкумина знаат дека Дуке дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 1998 година и беше четири години фанатично посветен на медицината, но потоа сфати дека музиката ја сака многу повеќе.Заминува на Беркли во САД каде во 2001 година дипломира и оттогаш почнува неговото музичко патување. Живее и работи во Њујорк и неговите композиции досега се издадени на седум соло албуми, а неговата музика е дел од светски познатите компилации „Буда Бар” (Buddha Bar), „Маракеш Експрес” (Marrakech Express) и „Чил аут ин Париз“ (Chill out in Paris). Има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ на Џонатан Деми, за македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов, последниве години работеше и филмска музика за филмовите на Рајко Грлиќ и Велјко Булајиќ, а работел и со Милчо Манчевски, Иво Трајков, Митко Панов, Данис Тановиќ и многу други. Бојаџиев работел и на рекламните кампањи за: Мерцедес, Крајслер, Ланком, Лореал, Мејбелин, Ана Суи, Куерво, Крест, Пежо, Веризон, но вели дека сепак филмската музика најмногу го обзема.

Во Скопје денеска и утре настапува во Македонската филхармонија каде сцената ќе ја дели со: Исмаил Лумановски, Мартин Ѓаконовски, Костас Анастасиадис и стринг квартетот на чело со Владимир Крстев.Гости на концертот се Тијана Дапчевиќ, и актерката Наташа Петровиќ.

Разговаравме со Дуке во Скопје за родниот град, за инспирацијата која ја црпи од Македонија и од родниот град, за Њујорк и можностите што ги нуди „градот што никогаш не спие“, за музиката која го опседнува, за возбудата…

Секој Ваш концерт македонската публика го очекува со голема радост и нетрпение. Кажете ни како го замисливте овој концерт? Со што ќе и се претставите на публиката?

-Музиката од албумското издание на “Сон.Верба.Љубов.” ќе биде главен мотив на концертот. Ќе чуеме и по една нумера од последните два филма на кои работев, за двата најлегендарни режисери во Хрватската и Југословенската кинематографија, Вељко Булајиќ и Рајко Грлиќ. Темите ќе бидат специјално адаптирани за оваа изведба, како еден вид најава за концерт кој ке следи кон крајот на годинава, овој пат во соработка со Македонската Филхармонија, каде ке биде целиот фокус на мојата филмска музика.

Најавена е нова тема која специјално ја напишавте за концертот. Ве инспирира ли Македонија и Скопје, особено вака пред настап?

-Секогаш. Македонија ми е неисцрпен извор на инспирација.

Ова е прв пат да напишам наменски тема инспирирана од самото доаѓање и концертот. Ќе ми причини огромно задоволство да ја споделам со сите вас.

Најчесто имате гости на своите концерти. Кој ќе ја дели сцената овојпат со Вас?

-Настапувам со моите редовни гости, виртуозните Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Костас Анастасиадис на тапани како и стринг квартетот на чело со Владимир Крстев. Овој пат нови гости се мојата пријателка од детството и една од првите соработнички со која заедно ги освојувавме првите музички признанија, Тијана Дапчевиќ, и актерката Наташа Петровиќ која неодамна ја запознав во Њујорк каде се случи првата соработка.

Автор сте на музика за многу филмови, но и за реклами, спотови…Кога би можеле да одберете, која музика најмногу ве исполнува? Кога најмногу уживате додека работите?

-Најмногу уживам кога работам музика за филм. Таа пасија за филмската музика ме донесе таму каде што сум сега во животот и кариерата.

Каква музика слушате за своја душа?

-Искрено малку време наоѓам да слушам музика, бидејки цел ден ја слушам и создавам во студиото. Кога наоѓам време, најчесто тоа е филмска музика.

Долги години живеете во Њјујорк. Како го доживувате? Што претставува тој за Вас?

-После 17 години поминати во Њујорк, сеуште го доживувам максимално магично. За мене и мојата креативна работа е најинспиративно место на планетава. Од самиот уникатен карактер и темпо на градот, до космополитското чуство што го нуди, со сета своја убавина и тежина, ова е за мене градот на соништата.

Имате ли трема пред настапот дома? Како ги доживувате настапите во Македонија?

Трема немам, но возбуда огромна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top