среда, 22 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Дали знаете каде не смее да се паркира?

За возачите да не го извлечат подебелиот крај од хаосот на скопските улици, потсетување за најважните одредби од ЗБСП, односно со прецизирање каде и на кои места е строго забрането возачот да го запре или да го паркира возилото:

– На обележан пешачки премин, на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од десет метри од тие премини.

– На велосипедска патека, односно лента.

– На крстосница и на оддалеченост помала од десет метри од најблискиот раб на напречниот коловоз т.е на оддалеченост помала од 10 метри од почетокот на крстосницата.

– На тротоар, односно пешачка патека, ако тоа не е изречно регулирано со сообраќаен знак. Ако е дозволено паркирање, односно запирање, задолжително треба да се остави најмалку 1,6 метри ширина на површината за движење на пешаци, со тоа што таа површина не може да биде покрај работ на коловозот.

– На места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби и на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано како место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.

– На место на кое возилото би го засолнувало (покривало) поставениот сообраќаен знак или уредот за давање светлосни сообраќајни знаци.

– На дел од коловозот, кој како стојалиште за возила на јавниот сообраќај е обележан со ознаки на коловозот и на оддалеченост помала од 15 метри пред и зад знакот со кој е обележано стојалиште за возилата за јавен сообраќај.

– На место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило.

– На плоштад, пешачка зона, противпожарен пат, пред влез во објект, двор или гаража, на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови.

– Над приклучок на водоводната мрежа или влез во канализација или друга мрежа на комуналните претпријатија.

– На мостови, во подвозници, на надвозници како и на растојание помало од петнаесет метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници.

– На дел од јавен пат во близина на врв од преслап и во кривина, каде што прегледноста на патот е недоволна и каде што обиколување на возилото не би можело да се изврши без опасност.

 


Целиот текст на Високи октани

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top