четврток, 24 мај 2018 | Вести денес: 40 ново

Дуке Бојаџиев: Среќен сум што сум дома, во Скопје

На концертите премиерно ќе биде отсвирена темата „Катарина“ од филмот „Устав на Република Хрватска” на режисерот Рајко Грлиќ, во својата комплетна верзија, од која само дел беше користен во филмот Претпремиерно, пак, во аранжман специјално адаптиран за концертот, ќе биде изведена тема од новиот филм на култниот режисер Вељко Булајиќ, „Бегство кон морето“, кој ќе има своја премиера подоцна годинава

Иако отсекогаш сум се чувствувал како граѓанин на светот, среќен сум што сум дома, во Скопје. Точно 17 години живеам во Њујорк, но јас сум Македонец. Мојата мисија и идеја е да ја ширам македонската култура во светот. Во секоја можна прилика го користам македонскиот фолклор. Многу сум среќен што повторно настапувам со моите омилени соработници со кои работам повеќе години – изјави познатиот македонски музичак Дуке Бојаџиев кој утре и задутре, 11 и 12 мај во 19,30 часот во Македонската филхармонија ќе одржи концерт на кој биде промовиран неговиот последен албум „Сон, верба, љубов“.

На концертите премиерно ќе биде отсвирена темата „Катарина“ од филмот „Устав на Република Хрватска” на режисерот Рајко Грлиќ, во својата комплетна верзија, од која само дел беше користен во филмот Претпремиерно, пак, во аранжман специјално адаптиран за концертот, ќе биде изведена тема од новиот филм на култниот режисер Вељко Булајиќ, „Бегство кон морето“, кој ќе има своја премиера подоцна годинава.

Дуке (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари. Специјален гостин ќе биде Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, кларинетистот Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело. Тијана ќе ги пее хитовите на Бојаџиев од филмот „До балчак“, а актерката Петровиќ ќе рецитира стихови од поетесата Ана Бунтевска и ќе ја испее песната „Сон“.

– Со овие концерти сакам да го заокружам овој период од десет години и се она што сум го работел. Музиката која ќе биде отсвирена главно е инспирирана од Македонија, од детството. Во неа вметнав длабоки емотивни инспирации. Има и филмски елементи во оваа приказна, има и фузија на класична музика и џез, сето тоа со еден њујоршки шмек. Ќе биде уживање да се свири со оваа екипа музичари, пријатели и врвни светски таленти – изјави Бојаџиев пред концертите во Скопје.

Бојаџеив со екипата со која ќе настапи во Македонска филхармонија се дружи одамна.

-Со Лумановски се дружиме и приватно во Њујорк повеќе од една деценија. Со Тијана заедно ја почнавме музичката кариера уште во 90-те години на минатиот век и сега повторно ќе настапиме заедно по пауза од повеќе од 20 години. Костас Анастасиадис го запознав пред мојот настап на Античкиот театар во Охрид и оттогаш работиме заедно. Мартин Ѓаконовски Шпато ми е пријател од детството. Тој ми е личен, фамилијарен пријател кој не запозна со Костас – вели Бојаџиев.

Тој 17 години живее и работи во Њујорк. Има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со добитниците на Оскар Џонатан Деми и Данис Тановиќ, со артисти како Синди Лопер, настапувал на светски сцени како „Карнеги хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес.

Концертите во Скопје ќе почнат со нова музичка тема која тој специјално ја напишал за овој настап.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top