четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 0 ново

Заев призна дека краен корисник на градежното земјиште што го продал е брат му Вицe

Премиерот Зоран Заев, во одговор на новинарски прашање по денешното рочиште за случајот „Поткуп“, каде се гони за барање мито од 200.000 евра, призна дека во 2014 година, додека бил градоначалник продал градежно земјиште чиј краен корисник е неговиот брат Вице Заев. Тој се пожали дека брат му ги нема вратено парите од инвестицијата.

На прашањето дека останува фактот дека Вице Заев го добил земјиштето, Заев рече дека парцелата прво била откупена од друго лице. На прaшање колкав е профитот на Заеви од оваа зделка, тој рече онолку колку што чинела изградбата.

Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видео обраќање презентираше документи со кои се потврдува дека Општина Струмица во време кога градоначалник е сегашниот премиер Зоран Заев, на јавно наддавање му продал земјиште на лицето Сашко Брндевски, како единствен понудувач за вака атрактивна парцела. Сашо Брндевски инаку е бизнис партнер на Вице Заев во фирмата Сара Инжинеринг.

Ова земјиште со вкупна површина од 18462 м2 на кое како единствен понудувач се јавува бизнис партнерот на Вице Заев и е продадено за 2300 денари по м2. Во февруари 2016 година Брндевски за купената парцела добил одобрение за градење на станбена зграда 8. Истиот месец, истата година лицето Сашо Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење или отстапување на парцелата 8 со правните лица, ТОТАЛ Инженеринг и АД Пелагонија Струмица. Воедно ТОТАЛ Инженеринг е во сопственост на Вице Заев, брат на тогашниот градоначалник, а сега премиер Зоран Заев, додека во АД Пелагонија Струмица во управниот одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев, рече Мицкоски.

Денес Заев во одговор на новинарски прашања рече дека 60% од инвестираните пари не се вратени.

– Станува збор за купопродажба на земјиште и во овој бизнис треба да поминат неколку години за инвестицијата да се исплати, рече Заев.

Во јавноста останаа отворени прашањата како братот и братучедот на премиерот ја добиле дозволата да градат на тоа место, дали ги искористиле повластувањата на функцијата на Зоран Заев тогаш градоначалник на Струмица и дали тоа не е конфликт на интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top