среда, 19 септември 2018 | Вести денес: 70 ново

Нина Бадриќ, пејачка: Оваа работа е самотија

Оној кој не е подготвен на голема работа и вложување труд со години, подобро сега веднаш да се откаже, бидејќи оваа работа бара многу работа. Понекогаш се чувствувам, не понекогаш, туку доста често се чувствувам како камионџија, бидејќи постојано си некаде, постојано си на пат, патуваш, сам си-оваа работа е самотија. Оваа работа најмалку е црвен килим, прекрасен фустан и убава шминка или фризура. Сето ова што го набројав е дел од работата. Оној кој не е во состојба сето ова да го поднесе би било подобро да си пее за своја душа. Ова не е зафрканција, без оглед како изгледа однадвор, вели Нина.

Природна, спонтана, комуникативна, убава и опуштена… Со Нина Бадриќ разговаравме во Скопје, каде престојува неколку дена и го најавува својот прв солистички концерт по 25 години музичка кариера. Одличного  разбира македонскиот јазик, по нешто знае и да каже на македонски, а зборувавме за музиката, честите патувања, нејзината одлична способност да ги имитира луѓето од нејзиното опкружување и да се шегува со нив,, но се’ уште не е подготвена да го покаже во јавност, за селфито со Брус Вилис во „Планет Холивуд“ во Рим…

Наскоро доаѓате во Скопје на концерт. По толку години успешна кариера ова е Ваш прв концерт во Скопје. Што ќе и понудите на публиката?

-Да, навистина е неверојатно што во текот на сите овие години музичка кариера за прв пат ќе имам голем концерт во Скопје на 9 јуни. И мене тој факт ми беше неверојатен. Кога гласно го изговорив тоа, самата себе си си реков дека навистина е невозможно по 25 години кариера да постои место каде никогаш не пеел, имал свој солистички концерт. Инаку, за концертот подготвувам буквално се. Сите мои песни кои претпоставувам дека ги сакаат и се она што никогаш до сега не го слушнала публиката во Македонија.

Дали ќе имате некои гости на концертот? Ваши колеги, пријатели кои би настапиле со вас?

-Мислам дека овој пат гости нема да има. Пријатели сигурно ќе има на концертот, но гости нема да има. Пред се затоа што ова сепак е солистички концерт и сакам навистина да им се претставам на луѓето 150 проценти.

Не сте прв пат во Скопје, но еве овој пат престојувавте неколку дена во нашиот град. Како го доживувате Скопје? Ви се допаѓа ли?

-Како што рековте, не сум прв пат во Скопје. Сум доаѓала во Скопје многу пати, имав можност да го запознам и градот и луѓето. Прва асоцијација на Скопје ми се луѓето, нивниот топол менталитет и веднаш потоа ми доаѓа Тоше. Постојано, доколку се занимавав со физика би имала сигурно некоја пријателка која предава во училиште. Но, вака секогаш кога доаѓам во Скопје, прво Тоше ми доаѓа на ум.

Тоше ја донесе на некој начин македонската музика во регионот. Вие соработувавте и со браќата Тавитјан и со некои други македонски музичари. Дали преку него се запознавте со македонскиот мелос?

-Не ја запознав македонската музика преку Тоше, браќата Тавитјан едноставно дојдоа до мене и сакаат да им гостувам на нивниот албум, на кој гостуваа бројни музичари од целиот регион. Многу ми се допадна песната. Ние сеуште не ја познаваме македонската музика добро.

Дали ви се допаѓа?

-Да, многу ми се допаѓа. Сметам дека Македонците сигурно се најмузикалната нација на овие простори. И на тоа помалку ви завидувам.

Каква музика слушате кога имате време? За своја душа?

-Растеретувачка музика. Музика која не ме оптеретува, која ме смирува, ме опушта. Која едноставно некаде се лизга низ увото и душата, која не е агресивна.

Имате ли омилен пејач? Или песна?

-Немам. Морам да ви признам, ова ми е најтешко прашање. Всушност слушам се што е добро.

Слушате ли класична музика можеби, за да Ве опушти?

-Не, класика најмалку слушам.

На Вашиот „Инстаграм“ профил имате фотографија со холивудскиот актер Брус Вилис. Кажете ни нешто повеќе за тоа? Како настана таа фотографија?

-Па, тој ме молеше да се фотографираме и јас се согласив (хахаха, се шегувам). Во Рим 1999 или 2000 година на отворањето на ресторанот „Планет Холивуд“ каде Брус беше еден од сопствениците на ресторанот, а јас тогаш бев број еден во Италија со песната „I’m so excited“, така што јас пеев на тоа отварање како тогашен „нумеро уно“ и го замолив да се фотографираме и тој се согласи. Всушност сите наоколу паѓаа во несвсет кога Брус влезе во ресторанот и навистина човекот е многу згоден и шармантен во живот. И беше супер што се појави во тренерка, без оглед што тоа беше гала вечер, тој опуштено прошета во патики и тренерки. Тој е многу опуштен тип.

Дали Вие некогаш се чувствувате како ѕвезда? Ви приоѓаат луѓе, обожаватели кои сакаат да се фотографирате, да им дадете автограм?

-Ми приоѓаат постојано, но не се чувствувам како ѕвезда. Јас дури и се заборавам дека сум некаква јавна личност па прегласно зборувам некогаш во ресторан, па пријателите ме предупредуваат. Заборавам дека воопшто сум личност која јавноста може да ја препознава на улица. Немам таков код во глава, воопшто.

Дали имате трема пред настапите?

-Немам трема, но некаква возбуда. Тоа не е трема , туку немир пред настапот. Секојпат тоа е некаква напнатост, но во секундата кога ќе излезеш на сцена тоа просто исчезнува.

Добитник сте на многу награди. Што Ви значат? Како ги доживувате?

-Ми значат многу. За секој човек кој работи било што прекрасна работа е да добие потврда за својата работа или да биде признаен, или награден од колегите од еснафот или од публиката… Така што мене навистина многу ми значат наградите кои сум ги добила, а потполно сте во право, ги имам навистина многу. Убаво е да се биде препознаен во својата работа и тоа прекрасна работа.

Која е Нина приватно? Во една прилика рековте дека сакате да имитирате? Која Ви е омилена личност за имитирање? Дали сте добар имитатор?

-Сакам , во некое опуштено друштво сакам да имитирам и да се шегувам, но штом излезам пред поголем аудиториум, се’ уште не сум подготвена да го покажам она што го умеам. Омилена за имитирање ми е Миа, мојата асистентка која веќе ја запознавте. Ги имитирам пријателите, мајка ми…Јас не сметам дека тоа е некаков вид имитација, туку едноставно повторувам по нив нивните гестови, кои се специфични за секоја личност. Тоа, на пример, ја нервираше мајка ми, но повеќе не ја нервира, се навикна. Всушност сите се навикнаа.

.Дали тоа постојано го правите со блиските луѓе околу Вас?

Да, постојано.  Тоа е речиси полунесвесно. Некако од внатре ми доаѓа да го снимам човекот, неговите гестикулации, специфичлностите и потоа сето тоа го повторувам. Знам дека тоа на луѓето понекогаш им е иритантно, но е духовито.

Дали некој Ви се налутил досега поради тоа?

-Не, не се лутат.

Да се дојде на врвот секогаш е полесно, отколку да се остане на него. Вие сте на музичката сцена повеќе од 25 години. Како би го искоментирале ова?

-Да се дојде на врв не е воопшто лесно, и да останете таму и да траете. Тоа е мала научна фантастика. Да траете и даја имате истата нишка, доследноста по која луѓето ќе ве препознаваат низ годините можеби повеќе ќе ве засакаат отколку на почетокот, тоа е многу тежок начин. Мора да постои голема доверба на публиката кон музичарот.

Од оваа дистанца, што би им порачале на малдите пејачи? На оние кои сега ја почнуваат својата музичка кариера?

-Да се откажат и да најдат некоја чесна работа (хахах се шегувам). Оној кој не е подготвен на голема работа и вложување труд со години, подобро сега веднаш да се откаже, бидејќи оваа работа бара многу работа. Понекогаш се чувствувам, не понекогаш, туку доста често се чувствувам како камионџија, бидејќи постојано си некаде, постојано си на пат, патуваш, сам си-оваа работа е самотија. Оваа работа најмалку е црвен килим, прекрасен фустан и убава шминка или фризура. Сето ова што го набројав е дел од работата. Оној кој не е во состојба сето ова да го поднесе би било подобро да си пее за своја душа. Ова не е зафрканција, без оглед како изгледа однадвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top