среда, 15 август 2018 | Вести денес: 15 ново

Ќе се гуши ли Скопје во загаден воздух и во иднина?

Ќе се гуши ли Скопје со загаден воздух и во иднина, на сметка на градежниот бизнис? Големиот број капитални инвестиции низ годините покажува дека градежништвото е главен двигател на економијата. Статистика измери дека лани во Скопско биле издадени 1040 одобренија за градба, објави „Телма“.

Законот за урбано зеленило е јасен. 20% зеленило на секоја градежна парцела и 25 метри квадратни по жител, во урбаните средини. Од ДОМ и Зелениот институт прашуваат на кој начин се спроведува законот.

Маја Морачанин, пратеник од ДОМ – Како да се обезбеди, низ која правна процедура, ревизија на ДУП-овите, особено во општините на градот Скопје, бидејќи сме сведоци дека минатите години општините доживеаа една експанзија на градење и тоа водеше кон дехуманизација на просторот и еден неквалитетен живот на самите граѓани.

На социјалните мрежи се појави снимка од сеча на дрвја поради изградба на станбени објекти, на приватно земјиште во населбата Аеродром. Тоа повторно го отвара прашањето – ќе ги заштити ли некој градските зелени површини кои трпат, на сметка на градежните активности.

Скопскиот градоначалник Шилегов побара законски измени во врска со прашањето за приватните градежни парцели.

Минатиот месец, јавноста ја брануваше планираната сеча на шума на Водно, каде што багери го израмнуваа теренот, поради изградба на гасовод од Скопје до Гостивар. Инвеститорот образложи дека одлуката за трасирање на гасоводот по сртот на Водно, е само затоа што таа опција е најевтино решение. По бројни иницијативи на граѓански здруженија, стопирани беа градежните активности, а за изградбата на гасоводот ќе одлучуваат и граѓаните на референдум.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top