вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 33 ново

МЗТ Скопје: Господа од Работнички, извинете што организиравме спектакуларно дерби

Ден по дербито, Работнички со соопштение се пожали на организацијата на дербито и ја запраша Македонската кошаркарска федерација дали има двоен аршин кога е во прашање МЗТ Скопје.

МЗТ Скопје денеска излезе со реакција по повод соопштението на Работнички. Ви ја пренесуваме во целост:

Долго време размислувавме дали воопшто да одговориме на соопштението на Работнички со цел да го заштитиме интегритетот на македонската кошарка од јавни препукувања на тимовите кои важат за перјаници на овој спорт кај нас. Но, не можевме да издржиме, а да не изреагираме на невистините изнесени од нашиот спортски ривал.

Сите оние што завчера беа во салата „Јане Сандански“ или, пак гледаа на телевизија се свесни дека тоа што Работнички го потенцира во соопштението е една огромна – смешка. Ниту им била загрозена безбедноста, ниту врз нив била вршена тортура, за разлика од тоа што ние редовно го преживуваме при секое седнување на клупата во „Градски парк“ која, случајно или не, е директно под нивните највоинствени навивачи. Судиите не изрекоа ниту една опомена за навивачите, немаше ниту еден прекин, средбата мина во најспортска атмосфера, а присутните во салата уживаа во тоа што го следеа на паркетот.

Ако центарци не ни веруваат нам, им препорачуваме да ги прочитаат односно слушнат извештаите од дербито во буквално сите медиуми, електронски или пишувани, каде што во суперлативи се пишува за сѐ што се случуваше во нашата сала. Во случај да не им се чита, тогаш барем нека ги погледнат фотографиите од трибините. Ќе видат расположени дечиња, обични вљубеници во кошарката, пензионери, па и цели семејства кои без никаков проблем и грижа за безбедноста се восхитуваат на мајсториите на актерите на паркетот. Сцени какви што тешко може да се видат од „Градски парк“ во последниве години.

Работнички се лаже ако мисли дека никој не ја сфатил поентата на соопштението, но не таа напишаната, туку таа меѓу редови. Ниту МЗТ Скопје Аеродром, а веруваме ниту МКФ, не се од Дебар. Знаеме дека ви е страв од можноста да останете без опцијата да играте во вашата сала ако не ги исполните зададените безбедносни нормативи. Затоа вршите притисок со детски закани дека нема да си играте повеќе со нас ако Куќата на кошарката не ви го даде тоа што го сакате. А, тоа е играње финале во супстандардни услови, на ивица на инцидент, каде што противникот повеќе би размислувал да спаси жива глава отколку дали ќе победи на теренот.

Е, такви дебарски марифетлуци повеќе не ви поминуваат. Ниту кај нас, а убедени сме ниту кај МКФ и кај спортската јавност во Македонија. Едноставно, прочитани сте! Затоа, подобро е наместо на игри надвор од паркетот да се сконцентрирате на тоа што се случува на него. Заборавете на сите финти, направете сѐ и во „Градски парк“ да биде како што беше завчера во „Јане Сандански“ и овозможете ѝ на јавноста да ужива во прекрасната игра со портокаловата топка. Теренот нека реши кој е подобар, а не играриите надвор од него. Тоа е единствениот начин на кој ќе се избориме кошарката пак да биде спорт број еден кај нас.
А, да. Не заборавивме и на извинувањето кое го побаравте. Господа од Работнички, извините што излеговме од матрицата во која живеете, што сторивме сѐ да организираме спектакл и што направивме вечното дерби да биде настан во кој ќе уживаат сите, односно пресметка која ќе им биде достапна на сите. Без разлика за кој тим навиваат.

И ви ветуваме дека така ќе биде на секој иден меѓусебен дуел на нашите два тима. На вас е дали ќе го прифатите нашиот пример!

Соопштението на Центар ви го пренесуваме во целост:

Го испраќаме ова соопштение до јавноста по повод вчерашното 141-во дерби меѓу најголемите конкуренти за титулата оваа сезона и големи ривали КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром што се одигра во салата ,,Јане Сандански,, за да укажеме на недоследноста и двојните аршини што постојат кога се во прашање македонските кошаркарски клубови, како и тоа дека со ова соопштение не бараме алиби за вчерашниот само втор пораз во досегашното првенство.
Најпрво сакаме да им ја честитаме првата победа на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром над нашиот Работнички во регуларниот дел од сезоната. Но, она што остана дамка на натпреварот е фрлањето ситни парички и плукање кон судиите и играчите на КК Работнички за време на натпреварот, но и фрлањето на тврди предмети по кошаркарите во црвени дресови по завршувањето на мечот, како и палењето пиротехнички средства додека траеше дуелот. Зошто не беше прекинат натпреварот? Ова ли беше топлото добредојде за КК Работнички во ,,Јане Сандански,,? Што доколку некој од нашите играчи се здоби со посериозна повреда? Или МКФ не виде ништо од нарушувањето на сигурноста и безбедноста на кошаркарите и судиите?
Претходното 139-то дерби одиграно во Градски Парк, салата беше испразнета и мечот се доигра следниот ден пред празни трибини, а причините беа фрлање на тврди предмети и плукање по судиите. По овој немил настан во нашата сала, се свикуваа разни тела на Федерацијата, се даваа јавни изјави каде што се омаложуваше нашиот кошаркарски храм којшто е синоним за кошарката во Македонија, каде што има трофеи и историја, повеќе од која било сала во земјава. А за вчерашното натпревар, се посочи кон делегатот и неговиот записник. Од друга страна, ,,стручната,, кошаркарска јавност лиферува информации дека вчерашното дерби наликувало како некогаш и било празник на кошарката, со прекрасен спортски амбиент.
Ако МКФ не постапува подеднакво кон сите клубови, тогаш барем Управата на МЗТ Скопје Аеродром нека се извини за пропустите во организирање на дербито, како што ние се извинивме и ги осудивме немилите настани што се случија во Градски Парк.
Уште еднаш прашуваме, дали само за МЗТ Скопје Аеродром има посебни правила и пропозиции за одигрување натпревар и обезбедување соодветни услови за игра? Иако се најгласни во коментарите дека тие ја имаат најдобрата сала за одигрување натпревари, а сите останати клубови не можат да ги задоволат нивните услови за безбедно да истрчаат на паркетот, вчера и тоа како потфрлија на организациски и безбедносен план.
КК Работнички е сериозен во својот став дека доколку повторно некој се обиде да прекине натпревар во понатамошниот дел од првенството или се обиде да ја одземе салата Градски Парк за одигрување натпревари, Управата на нашиот клуб серозно ја разгледува опцијата за прекин на понатамошниот дел од натпреварувањето без разлика дали тоа е Плеј-оф или Супер лига.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top