сабота, 17 ноември 2018 | Вести денес: 17 ново

СДСМ е за една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ засега молчи

СДСМ чека опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни за промена на изборниот систем во една изборна единица во преговорите меѓу работните групи за измени на изборното законодавство.

Бетијане Китев од СДСМ го повтори ставот на СДСМ дека партијата не отстапува од своите заложби за промена на изборниот модел и воведување гласање со отворени листи.

-Очекуваме да се изјасни ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање. Ние се залагаме да се трансформира сегашното гласање од неколку изборни единици во една, а граѓаните да имаат право и на преференцијално гласање. Но, за тоа да се случи, се разбира, потребна е согласност од сите партии. се додека ВМРО-ДПМНЕ калкулира и тактизира, немаме одговор, изјави Китев.

Пред последните парламентарни избори во 2016 година, СДСМ отворено побара државата да биде една изборна единица, наместо сегашните шест изборни региони.

Помалите партии, но и дел поранешните пратеници реагираат на фактот дека измените во Изборниот законик ги договараат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, без притоа да бидат консултирани и други политички субјекти.

Засега е неизвесно кога ќе биде комплетиран составот на Државната Изборна комисија и дали новиот состав на ДИК ќе биде избран по претходниот модел -шест партиски претставници и тројца од редовите на експертите, или ќе се инсистира телото да го сочинуваат исклучиво партиски претставници, како што беше претходно.


Извор: Вечер.пресс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top