вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Се одмаздува за смртта на мајка му: Принцот Хари ова нема да го дозволи на венчавката

Само ретки фотографи ќе може да фотографираат на венчавката на Хари и Меган, а истото се однесува и за телевизиските екипи.

-Конфликтот меѓу нас медиумите и нив резултираше со ситуацијата што ја имаме денес – рекол Артур Едвардс, фотограф на британското списание „Д Сан“, кој кариерата ја посветил на фотографирање и следење на британското кралско семејство.

Природно тензичните односи меѓу кралицата и семејството од Виндзор од една страна и домашните медиуми од друга страна, прераснале во отворена војна, а поради тоа на венчавката на принцот Хари и актерката Меган Маркл речиси воопшто нема да има медиуми.

Само еден новинар ќе биде во црквата додека уште неколку фотографи ќе имаат пристап до дворот додека трае венчавката за која граѓаните преку даноци ќе платат околу 4,8 милиони долари.

Едвардс открива дека Хари станал толку повлечен, што повеќе не ги ни поздравува насобраните новинари, што досега било прашање за бонтон. Уверен е дека одлуката да не се канат новинари е одлука на Хари, бидејќи кралската прес служба сигурно не го советувала на такво нешто.

-Тој и Меган виделе што се пишуваше во последно време и одлучиле дека е доста – рекол Едвардс.

Јасно е како ден дека разведената американска актерка, чија мајка е Афроамериканка, не е млада како што замислувале конзервативните обожаватели на монархијата. Додека некои ја споредиле со Грејс Кели, други британски медиуми нагласувале дека Меган ја нема ни кариерата, ни педигрето, ни харизмата на Грејс Кели.

Имало интервјуа со членовите на семејството на Меган, кои не се поканети на свадбата, низ медиумите се развлекувале проблемите на нејзините родители, долговите на нејзиниот татко, а константно се повторувале изјавите на нејзината полусестра која вели дека „Меган отсекогаш сакала да биде принцеза и сигурно знаеле што прави, а паѓа и на црвенокоси мажи“.

Таблоидите и кралското семејство се “столбови” на конзервативна Британија, пишува „Њу Јорк Тајмс“. Тоа е поврзано и со третманот кој семејството го има веќе со децении. Ако не станува збор за венчавки или раѓање на деца, што се моменти кога медиумите го обожуваат кралското семејство, остатокот од времето е посветено на барање на мани и скандали, и јавни дебати за тоа дали тие „неработници треба да живеат на грбот на народот“.

-Медиумите и семејството секогаш се во некоја прегратка, која многу брзо може да прерасне во судир. Двете страни се свесни колку зависат едни од други – вели Стиг Ејбл, кој работел во прес службата на дворот. Јазот дополнително се продлабочил со младите генерации, принцовите Хари и Вилијам. Тоа можеби има свои корени во начинот на кој медиумите ја третирале нивната мајка, покојната принцеза Дајана, а посебно нејзината смрт. Таа загинала бегајќи од новинарите кои ја бркале низ улиците во Париз.

-Прво ја бркале како гладни кучиња, а потоа, наместо да помогнат, ја фотографирале како умира на задното седиште од автомобилот – рекол во минатогодишното интервју принцот Хари, кој имал 12 години кога починала неговата мајка.

„Дејли Меил“ константно ја прозивал Меган поради пропаднатиот брак, бојата на кожата, верата и потеклото. Дури ни Кејт Мидлтон, додека се забавувала со Вилијам, не била поштедена од напади. Пишувале дека била ќерка на стјуардеса, пишувале дека е од “средната класа” и дека нема сина крв кај нејзините предци.

Хари остро се пресметал со таблоидите велејќи дека нема да толерира секситички и расистички коментари. Својата одмазда ја сервирал студена, кратејќи им го пристапот на медиумите на најважниот ден во годината, на венчавката на која би заработиле многу пари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top