среда, 15 август 2018 | Вести денес: 15 ново

Работнички падна во Аеродром, МЗТ зема залет пред плејофот

Актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје првпат сезонава успеа да го совлада „вечниот ривал“ Работнички во првенството (80-76) и си обезбеди втора позиција на табелата во Суперлигата која му носи предност пред плеј-офот.

Минатите три средби завршија во корист на центарци, но овој пат слави Аеродром. Младиот Ѓорѓи Кочов првпат успеа да го надмудри Докузовски и да го прекине „проклетството“ на Тодоров и Лукајиќ, а со победата МЗТ обезбеди втора позиција на табелата и предност на домашен терен во плеј-офот каде ќе се соочи со Блокотехна. Работнички, пак, е сигурен на лидерското место и ќе игра мечеви за финале со Куманово.

Мечот меѓу двата ривала во Аеродром одлично го отвори Работнички (2-7), но МЗТ брзо се врати и изедначи на 12-12. Џокер на Кочов во стартниот период беше младиот Маслинко, кој беше одличен под обрачите и со вкупно осум поени ги изненади противниците во рекетот. Центарот даде четири „двојки“ од четири обида и го држеше домаќинот во егал со противникот.

До крајот на првиот период неизвесната игра продолжи (24-22), а голем хендикеп за гостинот од Градски парк беше индиспонираниот Маркус Гинјард, кој како најдобар кошаркар на центарци не успеа да погоди ниту еднаш од игра за 20 минути (0/5). На паузата се замина со предност на МЗТ (47-43). Работнички се држеше во игра 20 минути пред се поради одличниот Чавдар Костов кој даде 20 поени, а поддршка му беше и Робинсон со 11 поени. Аеродромци доста добро се држеа и во дефанзивата под обрачите, каде имаа двојно повеќе скокови од гостинот (13-6).

На пет минути до крајот на третиот период домаќинот водеше со 54-49, но следеше серија од 0-8 на Работнички за комплетен кам-бек, а потоа и прво водство на средбата по она на почетокот. Еванс даде „двојка“, потоа, Костов и Мираковски сервираа две „тројки“, за предност од 56-57. Во последните десет минути домаќините влегоа со позитива од три поени (60-57), а резултататската „клацкалка“ траеше до три минути на крајот на мечот, кога МЗТ направи серија од 9-0 и првпат се одлепи поосетливо (74-68), позитива која до крајот беше доволна за триумф.

Најдобар поентер кај победникот беше Крафорд со „дабл-дабл“ од 16 поени и 10 скока, а Трајковски заврши со 12 поени. Кај Работнички, прво име беше Чавдар Костов со 29 поени, а го следеше Еванс со 12 поени, кој беше одлична поддршка во вториот дел од мечот.

Во последното суперлигашко коло кое е на програмата овој викенд, Работнички ќе биде домаќин на Блокотехна, додека МЗТ Скопје ќе биде домаќин на АВ Охрид. Натпреварите ќе бидат само за престиж ако се земе предвид дека најдобрите четири екипи во првенството се решени и плејоф-натпреварите се веќе познати.

 

Извор: Гол

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top