недела, 27 мај 2018 | Вести денес: 69 ново

Прославата на Владата за автопатот кој не го изградија е цивилизациски шок

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Клик Плус“ на телевизија 21 се осврна и на отворањето на автопатот и на начинот како тој беше отворен, со блех музика и чочеци.

-Ако имате блех музика и чочеци во тунел за отворање на автопатска делница, тоа е цивилизациски шок, изјави Мицкоски.

Претседателот кажа дека автопатот е за граѓаните и дека на нив треба да им служи, како што кажа дека ако тој проект спаси барем еден живот, тогаш сите оние кои учествувале во изградбата на овој автопат треба да се чувствуваат горди и среќни.

-Но, за мене претставуваше цивилизациски шок кога директорот на второто можеби по големина јавно претпријатие во државата и близок соработник на премиерот на државата, вади од џебот гордо банкноти и ги лепи на музичарите, други луѓе тука играат чочеци. Мислам тоа претставуваше цивилизациски шок и можам да кажам уште сум под дејство на тоа што тогаш го видов, изјави Мицкоски.

Мицкоски кажа дека во овој случај не станува збор за некаков вкус, туку дека тоа е под сите цивилизациски и морални вредности, дека станува збор за катастрофа. Мицкоски праша и како се чувствувале странските амбасадори и дипломати кои го гледале она што се случувало во тунелот.

-Вие можете дома да си организирате семејна прослава, да викнете музичари и да дискутираме дали песната што вие ја нарачувате е добра или лоша. Мене ми е добра, тебе ако ти е лоша, јас ја плаќам музиката, она свири тој што ја плаќа, тоа е вкус. Ова го плаќале два милиони граѓани на Република Македонија, изјави Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top