понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 1 ново

Скопска премиера на „Планинските џинови“, современа бајка која ги руши бариерите меѓу актерите и публиката

Преставата се изведува на италијански, словенечки, албански, унгарски и германски јазик. За публиката во Скопје ќе биде обезбден титл на албански и на македонски јазик

В четврток, во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана скопсата премиера на претставата „Планински џинови“ во режија на Паоло Маџели. Следните две изведби се на 27 и 28 април, исто така во 20 часот. За премиерната изведба, на 26 април студентите имаат слободен влез.

Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а цената е 300 ден.

Професионалците и студентите на уметноста ќе имаат можност да бидат дел од работилниците и предавањата „Инкубатори на знаењето“ и „од Пирандело до Брексит“, а публиката ќе се приклучи во „Пазарот на театарското знаење“ и „Перфромативна кујна: диверзитетот на готвењето”. В петок, на 27 април, по завршување на претставата публиката ќе има можност да поразговара со актерската екипа.

Премиерно, оваа претстава беше прикажна на 2 март во Риека, Хрватска. Дел од ансамблот избран од режисерот Маџели се и актерите Џевдет Јашари (во улогата на сестраниот актер Баталиа) и Фисник Зеќири (во улогата на Тушко Туш) од Албанскиот театар во Скопје.

Претствата е дел од регионалниот проект „(Ре)Откривање на Европа„ кофинансиран од ЕУ, Креативна Европа и е копродукција на: Италијанската драма при Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Риека, Хрватска; Словенечки Стален театар, Трст, Италија; Унгарскиот театар КДЗС Суботица, Србија; Германскиот театар Темишвар, Романија и НУ Албански театар, Скопје.

По премиерата и репризите во Риека, „Планинските џинови“ беше изведена во Трст, Темишвар и Суботица.

Преставата се изведува на италијански, словенечки, албански, унгарски и германски јазик. За публиката во Скопје ќе биде обезбден титл на албански и на македонски јазик.

„Планинските џинови“ е последното дело на Луиџи Пирандело, виртуозот на театарскиот збор, кому шведската академија во 1934 година му ја додели Нобеловата награда за „смело и инвентивно оживување на драмската и сценската уметност. Ремек делото „Планинските џинови“ остана недовршено поради смртта на авторот. Вака крајот на делото е оставен на нашето мечтаење и на волјата на идните времиња.

– „Планинските џинови“ претставува мит за уметноста. Современа бајка која ги руши бариерите меѓу актерите и публиката, меѓу реалното и нереалното. Приказната следи актерска трупа која лутајќи низ едно недефинирано место и време, во простор кој се наоѓа меѓу стварноста и бајката. Во таа магија на нивната заедничка невозможна потрага по универзалната вистина, се станува можно. И разбирливо. Со моќта на театарот. Различните јазици кои се користат во оваа претстава само привидно се разликуваат. Сите ги разбираме. И токму нивната различност ја покажува универзалноста на нашиот јазик – јазикот на театарската уметност – вели драматургот Жељка Удовичиќ – Плештина.

Проектот е инициран со цел подигнување на свеста за значењето на плурализмот во современа Европа и еднаквоста на сите идентитети. Цел на „(Ре)Откривање на Европа“ е култивирање на публика сензитивна кон различностите, публика која не само што ќе го толерира другото и различното, туку ќе го прифати истото како еднакво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top