понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 53 ново

Надал со 11 трофеи во Монте Карло: Среќен сум, минав тежок период

Шпанецот Рафел Надал единаесетти пат во кариерата го освои Мастерсот во Монте Карло по триумфот над Кеи Нишикори, исто така повратник на турот, со 6:3, 6:2.

-Им благодарам на својот тим, на семејството и на сите кои ме поддржуват. Минав низ тежок период во изминатите пет месеци поради повреди што ме следеа. Овој ден е специјален за мене. Чувството е посебно при секое освојување на Монте Карло. Благодарност и до публиката. Се гледаме догодина, истакна Надал.

Трофејот во Монте Карло е вкупно 31. од Мастерс серијата за Шпанецот. Со тоа го претекна досегашниот рекордер Новак Ѓоковиќ кој има 30 победи на турнирите од категоријата 1,000.

-Честитки и до Кеи за одличните изданија на турнирот. Секогаш е тешко да се вратите на терен по период на повреди. Среќен сум што повторно игра добар тенис, додаде тој.

Надал наскоро ќе има нова шанса за продолжување на жетвата на Мастерс трофеи од серијата 1,000. Пред шпанскиот тенисер е турнирот во Мадрид од шести до 13 мај каде ќе настапи како бранител на титулата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top