понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 68 ново

Македонија и Бугарија во мај ќе организираат три заеднички прослави

Молебенот во Рим ќе го отслужат македонскиот архиепископ Стефан и бугарскиот патријарх Неофит

 

Македонија и Бугарија во мај ќе организираат три заеднички прослави. На 6 мај во Ново Село ќе биде одбележен Денот на храброста и на бугарската војска, на кое се очекува да присуствуваат и претседателите на двете држави. Денот на словенската книжевност и култура, празникот посветен на Свети Кирил Методиј, пак, со заеднички највисоки државни и црковни почести ќе биде одбележен на 24.05 во Рим и Софија. И 27.05, кога во Охрид ќе се слави големиот јубилеј, 1000 години Охридска архиепископија ќе биде во знакот на двете соседни држави.

Од кабинетот на македонскиот архиепископ г.г. Стефан вчера не успеавме да добиеме одговор на прашањето дали на традиционалниот македонски молебен во Рим македонскиот поглавар ќе сослужува заедно со бугарскиот патријарх Неофит. Тоа би била заедничка литургија и сослужение и доколку се одржи тоа ќе значи чекор напред во признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА и дека практично се исполнува одлуката на БПЦ со која таа се согласи да биде Црква-мајка.

Она што е извесно е дека заедничката прослава на трите празници била договорена во Скопје на 10. овој месец, а агендата, на својот фејсбук-статус, ја објави Милен Врабески, бугарски бизнисмен и филантроп, претседател на фондацијата “Бугарска памет” човекот со чија помош велигденскиот благодатен оган, годинава за прв пат пристигна од Бугарија наместо од Грција, како во изминативе десетина години.

-Посетата во Скопје вчера беше реализирана заедно со “Иницијативниот одбор за заедничко славење 1000 години Охридска архиепископија”, чиј коосновач и учесник во претседателството имам задоволство да бидам јас. Заедно со мене кај љубезните домаќини – дедо Наум, дедо Стефан и Зоран Заев, беа Горан Благоев, Петар Мутафчиев, Коста Филипов, Љубомир Нешков и мојата сопруга Росица.

Разговаравме за можностите за општи настани и концерти. Од името на двете држави и од мое име, како главен иницијатор, планираме да издадеме поштенска марка, монета, плакета и медал поврзани со одбележувањето на најзначајната годишнина.
Потврдено е заедничко прославување на:
06.05 – Денот на храброста – воена меморија во Ново Село
24.05 – Ден на словенската книжевност и култура – Рим и Софија
28.05 – Прослава на 1000 години Охридска архиепископија – Охрид
Македонија е благодарна на Бугарија за велигденскиот оган. Да продолжиме со нашите заеднички напори за понатамошно развивање на нашите топли братски односи!, напиша бугарскиот бизнисмен на својот фејсбук-профил.

Весникот ВЕЧЕР од свои извори дознава дека круна на одбележувањето на Денот на словенските просветители во Рим ќе биде концертот на Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов.

Инаку Бугарија подолг период инсистира на заедничко одбележување на историски настани и личности, важни за двете земји, но ова е прво заедничко чествување на толку високо ново, а е содржано во Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Ова ќе биде прва заедничка прослава на која ќе учествуваат највисоки државни и црковни претставници, иако и во изминатите години се случувале заеднички одбележувања на 24 Мај, но на пониско ниво.

Имено, во 2014 година, првпат по 1999 година, на чествувањето присуствуваа бугарските амбасадори во Рим и Ватикан. Дотогаш, на гробот на Св. Кирил во Рим македонската и бугарската делегација одржуваа одвоени одбележувања.
Заеднички прослави, во изминатите години имаа Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науки.

Во Ново Село ќе присуствуваат Иванов и Радев?

Бугарските медиуми информираа дека на прославата на бугарскиот празник Ден на храброста во Ново Село, ќе присуствуваат и претседателите на двете земји.

“Успеав да се видам со гардистите и да го разгледаме местото каде на 6 мај ќе се одржи историската средба на двајцата претседатели на Република Македонија и Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев. Многу сум горд што за прв пат ќе бидам удостоен со честа да се направи средба на толку високо ниво. Секоја година тука доаѓаат македонски политичари и претставници на македонската црква, а сега нивото е унапредено – внимание му посветуваат не само претставниците на големите сили преку своите воени аташеа, туку и двајцата шефови на држави и нивните кабинети, изјавил Врабевски за БГНЕС.

Од кабинетот на македонскиот претседател нема официјална потврда за негово присуство на прославата во Ново Село.
Денот на храброста и празник на Бугарската армија е официјален празник во Република Бугарија – професионален празник на војниците и празник на Воениот орден “За храброст”, кој традиционално се одбележува секоја година на Ѓурѓовден – 6 мај.

Владата ќе го организира јубилејот 1000 години Охридска архиепископија

На 27 мај Охрид и Македонија ќе се сеќава на еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија. За одбележувањето на овој значаен јубилеј Владата на Република Македонија формирала работна група, која треба да ја утврди програмата и учесниците на јубилејот 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија.

МПЦ-ОА информира дека овој милениумски неповторливи јубилеј има голема важност за Република Македонија и за цела Европа.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на својата редовна седница одржана на 13 март донесе одлука за чествување на значајниот јубилеј 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија. Централното одбележување ќе се одржи во катедралниот храм на охридските архиепископи “Св. Софија# во Охрид на 27 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top