четврток, 24 мај 2018 | Вести денес: 40 ново

Мицкоски: Зоран Заев станува дел од темната страна на македонската историја

Политичкиот терор станува основа на делување на власта на СДСМ. Картелот на власта ги држи полугите, додека во позадина се одвива колективен грабеж кој е полош и од транзицијата. Ќе ги поразиме, со труд и план. Имаме план за да ја извадиме државата од криза и да ја вратиме на здрави основи, вели во интервју за Курир претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој нагласува дека во политиката има национален колапс, дека во економијата цунами и тоа се пресликува во повеќе сфери. Единствените проекти со кои власта се фали, подвлекува Мицкоски, се оние кои ги наследија од ВМРО-ДПМНЕ, и додава дека и тоа не е спорно, нека се фалат, ама и нив не ги завршуваат.

Коментирајќи го случајот „Монструм“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека единственото што мора да се направи е да одговараат убијците, и тука нема алтернатива.

– Секоја црна пропаганда на Зоран Заев му се враќа како бумеранг и станува негов противник. Ова е црн пример како може да се помине границата и да се тргува со чувствата на луѓето само за да се добијат политички поени, вели Мицкоски.

Запрашан за новиот план 18 на Владата, Мицкоски смета дека плановите сами по себе ниту носат препорака, ниту носат подобар живот. Потребни се структурни реформи, во самото ткиво на општеството.

– Ние за среќа не сме СДСМ, нас Македонија, државата ни е основниот интерес. Граѓаните ни се на прво место. Затоа дадовме придонес со конкретни сугестии и предлози за реформските закони и ги поддржавме, нема да бидеме алиби за неуспех на СДСМ, вели Мицкоски.

Во однос на прашањето за името, Мицкоски вели дека „она што за ВМРО-ДПМНЕ е најважно е заштита на идентитетот, јазикот и посебноста на Македонија и нејзиниот народ. Нашиот став е јасен, нема промена на уставот со цел промена на уставното име“.

– Јас сум свесен дека Зоран Заев станува дел од темната страна на македонската историја, но барем да не ја губи и онаа тронка достоинство, подвлекува Мицкоски.

Вчера Заев најави дека се инвестира во градба на патна инфраструктура и водоводи, вели дека инвестициите земаат замав, ваш коментар?

Мицкоски: Може да се кажува сè и сешто, но колку навистина Владата создава и инвестира во капитални проекти кажуваат најдобро бројките, а тие се поразителни. За цели 2 месеци има само 4 осто капитални инвестиции од предвидената динамика за цела година, што е очајно слабо ниво. Но, од Владата не им е проблем што не ја кажуваат вистината. Погледнете каква замена на тези. Прво премиерот велеше дека ќе имало раст од 5 осто годишно на економијата, а вчера вели дека цел му била 4 осто раст. Мислат дека народот има слаба меморија. Еден отсто, еден, но и за тој да се излаже, намали, но вистинскиот проблем е што ниту тие 4 отсто ќе ги достигнат, затоа што минатата година економијата беше нула отсто раст, а Светска Банка и ММФ имаат двојно помали прогнози за оваа година од оние на Заев.

Во поглед на инвестициите во инфраструктура, она што го презентираше премиерот Заев е започнато како инвестиција од времето на ВМРО-ДПМНЕ, и јас ги охрабрувам од Владата се што е започнато и да биде завршено, без да биде закочено како што сега имаме многу примери. Имаме помалку комична ситуација каде ќе закочат некој проект за кој што претходно од минатата влада биле обезбедени пари, биле направени тендери, проекти била отпочната градба или што би се рекло готова работа, и откако ќе го запрат, потоа се прогласуваат за спасители, креваат еуфорија и велат ете ние го завршивме проектот. Таков е еклатантниот пример со автопатот Демир Капија- Смоквица, каде цела година дена се префрлаше далновод и градеше диспечерски центар, непотребно и поради политички причини се одложуваше неговото пуштање во употреба, од сето тоа највеќе губат граѓаните. Вториот дел од проектите се оние кои се целосно закочени и за кој од Владата нема ниту волја ниту ангажман тие да се дозавршат и такви има многу, а нови проекти не доаѓа во предвид за Владата.

Но во таа комуникација се шпекулираат и неточни информации. Вчера се фали Заев со проектот за водоводи и канализации кој инаку е започнат уште пред неколку години за што беа обезбедени од Европската Инвестициска Банка 50 милиони евра и дополнителни средства за кофинансирање од буџет. За да бидам прецизен 60 проценти беше реализирано до почетокот на 2017-та година, а се бележи огромен застој последнава година. Додека проектите од Кредитната банка за обнова се продолжение на втората фаза. Првата фаза се реализираше до 2016-та година, а потоа следствено доаѓа и втора фаза за општините кои се истите од прватата фаза.

И во тој натпревар на Владата да се критикува сè што е порано направено се кажува дека Македонија има само 18 отсто покриеност на канализации. Еве јавно ќе ги прашам од каде им е тој податок, и на што го темелат. А и нема веродостојна информации затоа што тој процент не може да се докаже додека не се воспостави подземен катастар, проект кој го започна ВМРО-ДПМНЕ, но го стопираше СДСМ. Велат дека ќе заменувале азбесни цевки, но немаат план за било каква реализација на тој проект. Велат имале 10 нови инвестиции, ама никој не им го чул името на тие инвестиции, видовте ли некој камен темелник, видовме ли некоја црвена лента да пресечат. Нема тоа, а нема затоа што единствените инвестиции кои се случија се оние кои беа започнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ. За да на крај се финишира со изјава на премиерот Заев дека би бил задоволен со нешто над 60 осто реализација на ветеното, па нема од тоа нешто повеќе поразително. Тоа е исто како да започнете да градите автопат од Гостивар до Кичево и да кажете добро може и да не биде до Кичево, нека биде до пола, до превојот Стража на пример. А другата половина и не мора да има пат. Ова е еден максимално несериозен однос.

Затоа велам дека имаме во политиката национален колапс, во економијата цунами. И тоа се пресликува во повеќе сфери. Ќе растат даноците, веќе не е дебатата дали, туку колку ќе растат.

Срамно е што во буџетот за 2018 година предвидоа покачување за 20% на дневниците на функционерите на владата, а на медицинските сестри им го зголемија ноќниот турд на само 160 денари, од 100 на 160, се прекршија. Вистинска катастрофа.

Земјоделците буквално плачат. Ветуваа 30 денари, знаете по колку денес се откупува, по 8 денари. 15 илјади тони зелка седи на нивите и под пластениците. Единствените проекти кои се фалат се оние кои ги наследија од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа не е спорно нека се фалат, ама и нив не ги завршуваат.

Да не зборам за ветувањата за просечна плата, за 100 илјади денари плати за лекарите, за повисок стандард за студентите. Барон Михаузен би позавидел на овие лаги.

 Актуелен е случајот „Монструм“, очекувате ли правдата да биде задоволена?

Мицкоски: Не е прашањето дали јас очекувам или не, единственото што мора да се направи е да одговараат убијците, и тука нема алтернатива. Секоја црна пропаганда на Зоран Заев му се враќа како бумеранг и станува негов противник.

Прво тој кажа дека има информации за тоа кои се убиците, директно градејќи впечаток дека овие што се осудени не се убијците, тогаш тоа му одговраше бидејќи не беше власт тоа време. Се среќаваше со родителите, им читал транскрипти, за откако да дојде на власт сè да заборави, напротив се ослободија оние кои веќе еднаш беа осудени и се врати од почеток процесот. Го слушам деновиве како вели тие беа банални разговори меѓу осомничениот за убиство Азири и градоначалникот Бејта, па уште прецизно додава ”се работеше за 450 евра земјоделски субвенции”. Па ако се работело за земјоделски субвенции зошто им го пуштал разговорот на родителите на убиените деца, а второ прилично е чудно како од стотици илјади разговори тој се сеќава прецизно за разговорот помеѓу Азири и Бејта, па уште ја памети сумата за субвенции од 450 евра, а на пример не се сеќава колку е богат, па кога ќе го прашаат вели 6 или 7 милиони евра е богатството на Заеви, како тоа да е разлика од 100 денари. Ова има дефенција во науката, а тоа се вели лага. Се лаже во секој поглед, и се дозаплеткуваат.

„Монструм“ е случај кој станува црн пример, црно петно за тоа до каде може да се оди во политиката и колку болно може да се манипулира со чуствата на граѓаните и пред се со чуствата на убиените деца. Јас како родител, како индивидуа највеќе сочувствувам со тагата на родителите. Ова е црн пример како може да се помине границата и да се тргува со чувствата на луѓето само за да се добијат политички поени.

Гледаме случај кој е дел од Тиранската платформа од која формано се откажаа, ама неформално ревносно ја исполнуваат. Сепак политиката мора да има морал и граници. Поради ваквото однесување Зоран Заев ја девалвира и позицијата политичар. Е сега овој политичар замислете одлучува за прашања што значат државен интерес.

 Владата најави план наречен 18 поврзан со Европските Интеграции. Ќе партиципирате ли во тој план?

Мицкоски: Нивниот досегашен начин на работење покажува дека јавноста ја занимаваат со некакви искреирани приказни кои треба да го имаат својството на колективна хипноза, за да јавноста помалку обрнува внимание на она што суштински го засега и помалку се говори за скандалите од работата на Владата. Па така ќе ве потсетам дека свечено објавија дека имаат план за Европските интеграции кој се нарекува 369. Планот по минувањето на 9 месеци имаше под 50 осто реализација, и навистина беше во ќор сокак. Сега повторно најавуваат некаков план за 18 месеци и веројатно тоа ќе биде тема за уште една нова колективна хипноза каде ќе се мистифицира дека владата прави којзнае што, а во суштина нема ништо. За да на крај пак ќе се обратат кај нас за да помогнеме во процесот.

Но, плановите сами по себе ниту носат препорака, ниту носат подобар живот. Потребни се структурни реформи, во самото ткиво на општеството. Денес ние се соочуваме со затруен граѓански сектор, со медиуми кои се држени под страв, општество каде се рушат критериумите за она што е добро, што е лошо. Ние стануваме место каде летвичката на вредности не само што оди надоле, наместо да оди погоре, туку летвичката исчезнува, воопшто ја нема.

 Дадовте поддршка за реформските закони, имаше критики дека сега за прв пат се дозволува да се следат мејлови, движења на осомничени и слично, што е вистината?

Мицкоски: Вистината е дека тоа и до сега се правеше и може да се прави, но немаше механизми за обезбедување на контрола. Не е вистината дека безбедносните служби тоа не можеле да го прават и порано. Сега обезбедивме да се врши контрола на процесот и доколку службите следат некој осомничен за тоа да мора во рок од 48 сати да се обезбеди дозвола од јавен обвинител. Дополнително се дефинираше прецизно што подразбира мета подоток и што содржи тоа. И она што е важно доколку безбедносните структури следат некое лице за кое подоцна се докаже дека тоа лице е невино за она што се сомничи, органите се должни да го известат тоа лице дека било предмет на следење, нешто што до сега не беше случај. Има број и подобрувања во други законски решенија, и ние секогаш е го ставаме интересот на граанинот на прво место.

 Овие денови беше актуелен извештајот на ЕК, како гледате на препораките кои ги дава овој документ?

Мицкоски: Би искоментирал тука за еуфоријата која се создава од Владата, тоa укажува дека премиерот и министрите не работат ништо друго и се посветени на гола реторика и кревање на еуфорија која треба да ги покрие реалните состојби кои се катастрофални.

Јас не велам дека позитивниот извештај не е успех, но Македонија такви добиваше од 2009, со 6 препораки и два условени поради политичката криза која беше создадена и разгорувана од СДСМ. Позитивниот извештај не е ништо ново. Што мислите не можевме да го копираме нивното однесување и да земевме да фрбаме институции, да напаѓаме полиција, да водиме кампања на ниски страсти. Така ќе ја втурневме државата во криза и немаше да добие позитивна препорака. Може ВМРО ќе добиеше некој поен, но бидете сигурни дека на долг рок така сите губиме, а највеќе граѓаните. Ние за среќа не сме СДСМ, нас Македонија, државата ни е основниот интерес. Граѓаните ни се на прво место. Затоа дадовме придонес со конкретни сугестии и предлози за реформските закони и ги поддржавме, нема да бидеме алиби за неуспех на СДСМ.

Но исто така извештајот треба внимателно да се чита, јас ќе ви потенцирам некои делови и извадоци.

Европската комисија констатира, цитирам „корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Капацитетот на државните институции за ефикасно справување со корупцијата покажа структурни и оперативни недостатоци“, стои во извештајот.

Истовремено извешатајот потврдува дека е влошена и бизнис климата при што е нотирано дека клучните слабости на економијата остануваат невработеноста особено кај младите.

Нотирано и амнестирањето на затворениците при што и ЕК потврдува дека нема обезбедено Владата никаков институционален механизам за подоцнежен третман и надзор на ослободените затвореници. Затоа и е зголемена несигурнста по улиците. Таму пишува, цитирам „до крајот на јануари 2018 година, Законот за амнестија од декември 2017 година дозволи ослободување на 795 затвореници осудени на затвор до шест месеци или кои добија 30% намалување на казната. Не беше спроведена проценка на ризик и не беа проследени никакви мерки за надзор на амнестираните“, стои во извештајот на европската Комисија.

Здравството е на дното. ЕК пишува дека во областа на здравствената заштита не е забележан никаков напредок.

 Заев повторно изрази оптимизам за името, кои се вашите очекувања?

Мицкоски: Имаме една состојба каде опозицијата исто како и остатокот од јавноста се информира од интервјуата на првите луѓе на Владата, министрите од грчка и македонска страна. Но преговори најмалку се водат преку интервјуа каде јавноста треба да се стави во улога на одгатнувач на секогаш мистериозниот оптимизам кој што постои меѓу двете страни. Падни-стани. Тоа е пресериозен процес за да се препушти на сето ова.

Што се однесува до самата суштина, можам да кажам дека ниту сум запознаен од владата со грчката спогодба која била испратена, ниту со нацрт спогодбата пратена од наша страна. Ниту нивната содржина ниту намената со која тие се разменија. Оттука Владата игра целосно соло за ова едно прашање за кое опстојува оваа влада, но и со тоа и нашиот кредибилитет и право да не се согласиме со нешто кое може да биде понудено и договорено од владата. Она што за ВМРО-ДПМНЕ е најважно е заштита на идентитетот, јазикот и посебноста на Македонија и нејзиниот народ. Нашиот став е јасен, непромена на уставот со цел промена на уставното име. Идентитетското прашање е стекнато право во личната карта за Република Македонија во Обединетите Нации, идентитетските карактеристики и специфики како јазик, националност потоа двобуквен код, тробуквен код се дефинирани и тоа е стекнато право. Нашиот двобуквен код е МК, нашиот тробуквен код е МКД, нашиот јазик е македонски.

Грешка е што премиерот „ан блок“ се откажа од идејата и покрај преговорите да пропаднат и не се постигне решение, да не се бара датум за отпочнување на преговори, а процесите со Грција да продолжат и да дочекаат поповолни ветришта. Тоа значи дека владата нема план Б. Од друга страна исто е несериозно да се нафрлаат периоди дека решение ќе има за две недели, еден месец. Ова не е разговор за тоа како да се именува некој фудбалски клуб од трета лига, туку се работи за најкомплексното прашање кое задира во нашето суштествување како нација и држава.

 Бомбите повторно ја разбрануваа јавноста, очекувате ли да реагира Заев, сепак тој не е судска власт во државава?

Мицкоски: Сега имаме ситуација да се пуштаат бомби во јавноста. Порано Заев ги објавуваше, сега нема потреба, судот и СЈО го прават тоа за него. Па така додека за него снимката за барање на поткуп се слуша и гледа зад затворени врати, а за оние случаи каде луѓе од ВМРО се дел од судски процеси, снимените материјали се пуштаат јавно. И ние имаме ситуација исто како во 2015-та година, каде луѓе се стигматизираат, се разработуваат ниските страсти, власта продолжува да води приземна кампања. И се така како би го покриле криминалот, корупцијата, неработењето кое се одвива на големо. Бомбите треба да ги покријат скандалите на нивното работење.

Тоа е исто како во борба со мачеви и сабји употребите ласерско или хемиско оружје кое е забрането со сите конвенции, за да ја покриете бруката затоа што губите на терен.

Јас сум свесен дека Зоран Заев станува дел од темната страна на македонската историја, но барем да не ја губи и онаа тронка достоинство.

И свесен сум дека ќе рече некој чекајте Зоран Заев е премиер каква врска има со судскиот систем и обвинителствто, сепак Заев е првиот кој е повикан да создаде амбиент, исто како што создаде амбиент кога убијци и тешки деликвенти беа амнестирани, кога на овие од „Монструм“ им го поништија судењето и го вратија на повторно судење, кога нема никој осудено и за оние тројца полицајци кои ги убија пред Арачиново. На крајот бомбите и нелегално снимените разговори Заев им ги предаде на СЈО и од тука, тој и како давател на тие информации има и одговорност за процесите кои произлегуваат од него. За сè има граница, нови бомби нема да поминат.

 Каков период ѝ престои на државата, се чини дека доаѓаат турбулентни периоди?

Мицкоски: Во Македонија се случува колективен грабеж полош од транзицијата, последиците од неработењето и погрешните политики ќе се чуствуваат долго потоа. Велеа дека има режим, а како да го дефинираме системот во кој денес имаме локални моќници блиски до партијата на власт кои секојдневно рекетираат, се случуваат убиства кои уште не се расветлени, (случајот со убиениот Мартин Јанушев уште чека разрешница) систем во кој имаме пратеници кои се апсат, а дури потоа им се симнува имунитетот, каде се вршат политички терор врз уметници, актери, оперски пејач, честити и семеејни луѓе, систем во кој оние кој треба да го чуваат законот, под политички притисок менуваат изјави дека се самоповредиле од пајак возило, само за да се заштитат луѓето од власта.

Политичкиот терор станува основа на нивното делување. Како да се нарече системот каде секој ден се случуваат договори во 4 очи, однапред се знае кој ќе добие работа, судството е уценето, медиумите исплашени. Картелот на власта ги држи полугите, додека во позадина се одвива грабежот. Македонија мора да рече не на сето ова што се случува, на изместените критериуми, на неправдите.

Јас работам систематски како и во сè во животот, влегов со многу љубов и решителност да оставиме трага во ова општество и создадеме подобра иднина. И сум убеден дека нивната црна пропаганда нема граници и колку повеќе се губат во својата немоќ толку повеќе ќе измислуваат, клеветат, напаѓаат. Но тоа нема да го смени фактот што моето минато споредено со она на челниците од власта е бел лист хартија кога станува збор чесноста и принципите, без било каква афера и со чиста совест.

Ќе ги поразиме, со труд и план. Имаме план за да ја извадиме државата од криза и да ја вратиме на здрави основи. Обединувањето на прогресивните сили го прави ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе биде процес кој ќе ја трансформира нашата држава во економски силна, најнапредна во регионот, со цврсти кохезивни институции која ќе гарантира сигурност на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top