вторник, 22 мај 2018 | Вести денес: 0 ново

Македонија по умот на Свазиленд – ќе бидеме ли втора земја што годинава ќе го промени името?!

Ќе биде ли Македонија втората земја во светот што годинава ќе го промени своето име?! Пиедесталот „го загубивме“ откако нè претрка Кралот на Свазиленд, Мсвати Трети кој одлучи да ја „прекрсти“ својата земја во еСватини (eSwatini), во превод „земја на Сватите”. Свазиленд е лоцирана помеѓу Мозамбик и Јужна Африка, а годинава одбележа 50 години од независноста од Лондон.

-Сакам да најавам дека Свазиленд ќе го врати своето оригинално име. После независноста, сите африкански земји ги вратија некогашните имиња, оние од пред колонијализацијата. Свазиленд е единствената земја која го зачува називот од ерата на колонијализмот, изјави Мсвати Трети.

Свазиленд е последната африканска монархија со неограничени права на шефот на државата. Кралот Мсвати Трети кој е на власт е од 1986 година, постојано е критикуван од страна на меѓународната заедница поради луксузниот живот, додека народот живее во сиромаштија, како и поради кршење на човековите права.

Кралот има 15 жени и 23 деца, a првите две сопруги ги избрале националните советници. Тој, според традицијата може да се ожени со своите свршенички само откако ќе забременат, поради обезбедување на неопходниот доказ дека тие можат да носат наследници. Свазиленд е една од најсиромашните африкански држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top