понеделник, 21 мај 2018 | Вести денес: 94 ново

ВМРО-ДПМНЕ: За да го одбрани коалицискиот партнер, Заев си игра со трагедиите на родителите

За да го одбрани својот коалициски партнер од кого му зависи опстојувањето на власт Зоран Заев си игра со трагедиите на семејствата на петте момчиња егзекутирани кај Смилковското езеро, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на премиерот Заев за случајот Монструм.

Од ВМРО ДПМНЕ ја цитираат мајката на Александар Наќевки која во судница читаше смс порака на Азири и непознато лице, во која таа вели се зборува за убиството и го прашуваат премиерот кого штити

„Кого штити и кого покрива Зоран Заев? Зошто продолжува да ги лаже и манипулира ожалостените семејства? Зошто ја потценува нивната мака и се обидува да ги убеди дека разговорот на Невзат Бејта и Фејзи Азири бил обичен случај на економски криминал околу ургенции за субвенции, а не дека е поврзан со грозоморното убиство? “, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ возврати:

ВМРО-ДПМНЕ како власт 11 години се изживуваше со граѓаните и нивните судбини, судството го држеше во заложништо и ја попречуваше правдата, а денеска како опозиција продолжува со ниското ниво и злоупотребата на човечки трагедии.
За ВМРО-ДПМНЕ е несфатливо дека времето кога премиерот беше и судија, обвинител и истражител заврши со заминувањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од власт и затоа денес опозициската партија продолжува очајнички да манипулира и да си поигрува со чувствата на граѓаните.

За случајот „Монструм“ како и за останатите судски процеси, надлежни се единствено правосудните органи во Република Македонија. Сите материјали коишто СДСМ ги поседуваше, а кои произлегуваа од незаконското прислушување што со години го правеше минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се предадени на Специјалното јавно обвинителство.
Наместо да се обидува да профитира од трагедии, ВМРО-ДПМНЕ да ги остави надлежните органи целосно и до крај да го расветлат овој случај и сите оние кои биле вмешани во него, да се соочат со одговорност согласно законите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top