понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 1 ново

Кралот на Свазиленд ќе го менува името на државата

Кралот на Свазиленд, Мсвати Трети најавил дека државата ќе го смени името и ќе се вика „еСватини“ (eSwatini) на прославата по повод 50 годишницата од независноста на оваа мала африканска држава.

– Сакам да најавам дека Свазиленд ќе го врати своето оригинално име. После независноста, сите африкански земји ги вратија некогашните имиња, оние од пред колонијализацијата, истакнал кралот на прославата.

Според него, Свазиленд е единствената земја која го зачува називот од ерата на колонијализмот и земјата од сега официјално ќе се вика Кралство еСватини. ЕСватини значи „земја на народот Свази“ на свати јазикот. Свазиленд е комбинација од свати и англиски јазик.

Телевизијата BBC јавува дека оваа одлука на кралот Мсвати Трети разлутела многумина во државата кои што сметаат дека многу повеќе внимание треба да се обрне на други области во земјата, како на пример економијата.

Свазиленд, кој се наоѓа меѓу Јужна Африка и Мозамбик, стекна независност од британскиот протекторат во 1968 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top