понеделник, 25 јуни 2018 | Вести денес: 6 ново

МЗТ Скопје со иницијатива за преполовување на бројот на странците

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром покрена иницијатива за намалување на бројот на странците, од шест на четири во следната сезона, а потоа и на три во сезоната 2019/20.

– Веруваме дека е крајно време да се редуцира присуството на странски кошаркари во прволигашките клубови, со цел поголема шанса да добијат македонските таленти, кои потоа би не извлекле од калта во која сега се наоѓаме сите. Ова би бил прв чекор на патот кон рехабилитација на македонската кошарка на клупски и на репрезентативен план, за која сме сведоци дека е далеку од времето кога бевме четврти во Европа односно седми во АБА-лигата, стои во соопштението од Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје.

За оваа иницијатива тие побараа поддршка од сите членови на Собранието на МКФ, пред се од прволигашите и од Здружението на кошаркари.

– Првиот чекор секогаш е најтежок, а тоа е да се признае дека постои проблем, поради што како шампиони сме подготвени да го направиме самите. Но, се надеваме дека нашата иницијатива набрзо ќе прерасне во заедничко барање до Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и тоа со консензус на сите оние кои му сакаат добро на овој спорт кај нас, велат од Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top