четврток, 24 мај 2018 | Вести денес: 41 ново

Уставен поведе постапка за Законот за семејство

Уставниот суд на Република Македонија на вчерашната седница поведе постапка за членот 67 став 2 и за членот 70 став 2 од Законот за семејство, со кои се предвидува тужбата за оспорување на татковството или на мајчинство детето да може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

За Судот, уставно проблематично е зашто да има лимит до 21 година, за детето да може да го оспорува татковството, односно мајчинството со тужба поради што е поведена постапката.

На седницата беа поведени постапка и за две одлуки, едната се однесува за референдум во општина Босилово за експлоатација на минерални суровини, а другата за распишување референдум  за мигрантите на територија  на општина Гевгелија.

Судот поведе постапка и за уставноста на членот 4 став 3 од Закон за за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.

Како што појаснуваат од Судот, постапката е поведена во оној дел кој предвидува Владата на Собранието да му предлага разрешување на претседател и членови на оваа комисија.

Според Судот во тој дел има мешање на извршната во законодавната власт, бидејќи членовите и претседателот на оваа државна комисија за инспекциски надзор за прекршоците која ја избира Собранието не може да ги предлага Владата, бидејќи веќе постои собраниска Комисија за избори и именување, која врши именување по јавен конкурс и разрешување на членовите и на претседателот на оваа комисија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top