понеделник, 24 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Пеење, дипломатија и национализам

Предраг Димитровски

Добро е. Шефот на македонската дипломатија, господинот Никола Димитров, нема да го следи примерот на својот српски колега Ивица Дачиќ во неговото практикуваее на специјалната дипломатија. Со други зборови, ако добро ја пренеле информацијата на грчката агенција АНА-МПА за интервјуто за српската телевизија Н1 нашата МИА и ред други домашни сајтови, тој нема да му пее на увце на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. И тоа не заради некаква лоша оценка или потсмев на таквиот вид дипломатија, уште помалку поради некакво проруско или, скраја, отворено српско националистичко расположение на Дачиќ, кој неодамна му направи таков ќеиф токму на својот грчки гостин во Белград. Напротив. Како што вели самиот господин Димитров, неговите уметнички грижи се распаднале уште кога бил мал, односно кога открил дека нема талент, веројатно за пеење. Дотолку повеќе што ако го користи методот на пеење во дипломатијата, додава тој, може само да има спротивен ефект.

За воља на вистината, мора да постои целосно разбирање за министерот Димитров. Искрено, и јас самиот сум како него. Сепак, умеењето убаво да се пее е дарба, малку природна, малку генетска, малку… А, тоа што Дачиќ му пеел на Коѕијас и не е некој грев. Па, не така одамна, во времето на распаѓањето на некогашната ЈУ-федерација и почетокот на меѓународното признавање на самостојните држави, цела Хрватска пееше „Данке Дојчланд„. Ама, само за миг ставете се на местото на господинот Димитров и не дај Боже, во некоја опуштена, чисто пријателска атмосфера, една камера, репортерски фотоапарат или обичен мобилен телефон да го фати како му пее на неговиот колега Коѕијас. Повеќе од убеден сум дека целата домашна јавност ќе го распнеше како Исус на крст. А, она кога минатата година тој самиот го фотографираше премиерот Зоран Заев како се ракува со американскиот претседател Доналд Трамп во Обединетите нации, што требаше да се спинува како некаква нивна меѓусебна официјална средба, ќе беше само обична детска шега.

Наспроти неодамнешната препорака на Коѕијас дека тешки преговори не се водат преку интервјуа, македонскиот шеф на дипломатијата, покрај тоа за телевизијата Н1, речиси во рок од 48 часа се јави и со интервју за францускиот весник “Ла кроа”. Покрај пораката дека “во идеално сценарио” до “решение за името” може да се дојде “за два до три месеци”, господинот Димитров во два наврата некако со леснотија ги користи поимите национализам и (претходното) националистичко мнозинство. Првиот, во контекст на оние политички сили во земјава, кои, наводно, се спротивставуваат на изнаоѓањето компромис со Грција и вториот како автор на проектот “Скопје 2014”. Индикативно е што господинот Димитров во двата случаја ја избегнува експлицитната прозивка на поранешната владејачка, а сега водечка опозициска ВМРО-ДПМНЕ, па национализмот, односно (претходното) националистичко(то) мнозинство остануваат некако реалитивизирани да лебдат во воздух. Но, сепак, и како такви заслужуваат одговор. На пример, во книгата “Името и умот” (“Наше дело”, Скопје, 1999 година), во колумната насловена како “Ах, тие сеништа!”, неговиот татко Димитар Димитров, токму за национализмот како поим, меѓу другото, ќе напише:”Првичното значење на тој поим, во лексиконите и енциклопедиите е позитивно. Вујаклија, на пример, упатува на “љубов кон својот народ, патриотизам”; Ларус (Larousse) – на љубов кон “нацијата на која и се припаѓа”; Вебстер (Vebster,s New Encyclopedic Dictionary) – на “верност и преданост на нацијата””. Колумната, инаку, е одговор на тогашниот претседател Киро Глигоров и од негова страна употребениот термин “Сеништа на радикалните национализми…”. Значи, национализмот како поим нема никакво негативно значење, а ако целта е нечие денунцирање и политичко девалвирање, тогаш тоа е сосема друга работа. А, ако, пак, национализмот споменат од господинот Никола Димитров се однесува на неспоменатата ВМРО-ДПМНЕ, веројатно и самиот знае дека тој не е ниту за милиметар помал или поголем од национализмот на поранешните комунисти и нивните наследници именувани како СДСМ. Впрочем, во што се разликуваа Киро Глигоров, Бранко Црвенковски и Никола Груевски во одбивањето да потпишат било каков договор за добрососедство со Бугарија?! Кога станува збор за “Скопје 2014”, чудно, но вистинито, истиот тој шеф на македонската дипломатија речиси секојдневно прима гости во палатата “Борис Сарафов” како дел од проектот и седи во удобната министерска фотелја, ама досега не споменал дека МНР ќе се пресели во некој друг објект. Или, пак, тој воопшто не е спорен, туку спорен е тој што го градел!?

Ах, да. За на крај да не остане не нотирано. Би било добро министерот Димитров, ако досега тоа не го сторил, да ја прочита книгата “Македонското прашање од 1944 до денес – Комунизмот и национализмот на Балканот” од бугарскиот доктор по историја и цивилизации, Чавдар Маринов. Како некомерцијално издание таа е преведена од француски и објавена на македонски од Фондацијата Отворено општество-Македонија во 2013 година. Чисто за да види како и во каков контекст е прифатена споменатата книга на неговиот татко, па и самиот автор (стр.221-222). Можеби тогаш ќе му стане појасно од каде отпорите за безинтервентното прифаќање на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Спроти разврската на спорот со Грција, да не биде после подобро како-така да пее, отколку да ја води македонската дипломатија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top