петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 0 ново

Медицинските сестри ќе земаат од 440 до 544 денари за ноќна смена

Министерството за здравство соопшти дека анексот на колективниот договор за зголемување на коефициентот на медицинските сестри денеска го потпишале двата здравствени синдикати. Самостојниот синдикат на клиничките центри и Самостојниот синдикат за здравство фармација и социјална заштита го потпишале анексот на колективниот договор со кој се зголемува додатокот на плата за прекувремена работа, работа ноќе и работа на дежурство.

Според анексот процентот за ноќен труд на медицинските сестри ќе се пресметува по нов повисок коефициент од 0,50 проценти, а претходно тој беше 0,29.

„Сега за осум часа ноќен труд, медицинските сестри со средна стручна спрема ќе земаат нето износ од 440 денари, медицински сестри инструментарки 446 денари, медицинска сестра со висока школа 483 денари, а медицинска сестра со висока стручна спрема 544 денари. Продолжуваме да работиме на унапредување на условите и капацитетите во здравствениот систем, како и за зголемување на надоместоците на целокупниот медицински кадар во земјава“ велат од Министерството за здравство.

Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари вчера кажа дека не се согласуваат со претходниот предлог од Министерството коефициентот да се зголеми на 0,40 со што ќе добијат плус 80 денари за ноќен труд. Тие побараа Министерството да направи измени на член 216 од Законот за здравствена заштита и место да им плача за работа во смени да им плаќа за дежурство како на лекарите.

Според нив поради недостиг од средно-медицински кадар во многу јавни здравствени установи медицинските сестри работат и по 16 часа и повеќе. Тие вчера го известија Самостојниот синдикат за здравство фармација и социјална заштита за нивните барања, кој пак денес го потпие анексот на коелективниот договор за зголемување на коефициентот на медицински сестри за ноќен труд на 0,50. Самостојниот синдикат на клиничките центри уште на вчерашната седница на Советот одлучи да го прифати предлогот од Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top