вторник, 18 септември 2018 | Вести денес: 92 ново

Годинава била најдобра во последните 15: Од берба на печурките смрчки можат се заработат по стотици евра дневно

Од берба на печурките смрчки можат да се заработат и по стотици евра дневно. Природата ни дава многу, човек треба само да не е мрзелив и да сака да заработува некој денар плус во џебот, велат за МИА берачите на овие печурки.

Со часови пребаруваат наоколу за да најдат печурка плус, заборавајќи на заморот од долгото пешачење. Велат уживаат во околината, се рекреираат, а можат и да го зголемат својот семеен буџет. Но, најчесто ги бараат смрчките за свое лично задоволство, да ги консумираат со своето семејство, роднини, другари, пријатели. Затоа што, како што нагласија, нема повкусна печурка, а и никако не може да се згреши при бербата, бидејќи нема отровен двојник. Задоволството кај многумина од моите соговорници беше големо, бидејќи годинава имало толку многу од оваа атрактивна печурка, колку што немало во последните петнаесетина години, пишува МИА.

Атанас Стамаџиев од Кавадарци бере тревки и печурки, но откупува и печурки од други. Видно расположен по бербата во месноста Мушов гроб, рече дека навистина се набрале многу смрчки оваа пролет во Тиквешко, најмногу по напуштените стари лозја. Ги има неколку врсти во овој регион, а цената, зависно од квалитетот, се движи од триста до седумстотини денари по килограм. Многу од смрчките завршиле во тавите на тиквешани, но дел од нив по откупот ги продал на радовишка фирма откупувач, која потоа замрзнати ги пласира во Италија.

– Навистина многу се вкусни. Сите видови се разликуваат по својот квалитет. Нормално, најскапите се и најквалитетни. Јас лично само ги обарувам па пржам, ништо друго не им додавам кога ги приготвувам. Прсти да излижеш, нагласи тој, додавајќи дека има добра заработувачка, ако човек точно знае каде да ги бара, затоа што не секаде ги има. Покрај во стари и напуштени лозја, најчесто растат и во стари и напуштени овоштарници со сливи или јаболки. Една од сортите исто така многу можела да се најде таму каде што имало и брест.

За планинарот Митко Василев од Неготино, секое наоѓање смрчки во пролет, е празник за вкусот и душата. Ги мезат набраните печурки во друштво, со тиквешки вино и ж`та.

– Со задоволство ги барам смрчките. Интересно е, како Покемон да бараш. Возбудливо. Исклучиво за своја душа и блиски. А оваа година е како никогаш до сега. Скоро цел живот немам набрано толку, колку сега. И скоро се оди во замрзнувачот, па ќе има доволно мезе во наредниот период, рече Василев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top