недела, 22 април 2018 | Вести денес: 1 ново

Донесена декларацијата „Нашата храна, наша иднина“ на првиот национален конгрес на Слоу фуд Македонија

На првиот национален конгрес на Слоу Фуд Македонија, кој се одржа на 14 април 2018 година во Скопје, беше донесена декларацијата „Нашата храна, наша иднина“.
Со неа делегатите на конгресот и членовите на Слоу Фуд во Македонија сакаат да испратат порака до пошироката јавност, производителите, консументите и сите останати чинители во системот на храна за важноста на нашата храна во процесот на градење на одржлив систем на храна во Република Македонија.

Декларација „Нашата храна, наша иднина“

„Храната е извор на животната енергија, конецот кој нè поврзува во среќата и во тагата, мостот на љубовта, утринска светлина на достоинството кога на пазарот ќе ги извадиме нашите производи, кога во рестораните ќе ги претставиме нашите блескави мајстории. Со неа ги пречекуваме новородените, со неа се простуваме од ближните. Нè прави блиски со луѓето чии јазици не ги знаеме, го има клучот да раскаже кои сме, што сме и без да проговориме. Со неа им раскажуваме за предците на новите поколенија, преку неа ни стануваат блиски одново оживеаните садови од ископините, на археолозите. Наследство создавано 10.000 години, откако човековиот род почнал да си ја одгледува самиот храната, за себе и за луѓето од својата најблиска заедница, култивирајќи илјадници сорти растенија, илјадници раси животни.

Но, храната е денес во опасност, во каква што не била никогаш досега.

Нашите трпези стануваат сè поеднолични, полиците во супермаркетите студено повторливи, чинот на хранење – сè помалку свечен, годишните времиња што ги знаевме — не можеме да ги препознеме.

Во здивениот циклон на индустриското безумие, страдаат 10.000 години гастрономско наследство, неповратно се искоренува биодиверзитетот, ризницата од природни решенија и имунитет да го преживееме потопот на индустријата.

Во опасност се илјадници сорти растенија, илјадници раси животни, и две третини од нив, можеби никогаш нема да имаме можност да ги запознаеме.

Од кравите веќе знаеме само црно-бели, наредени, како машини, во огромни простории. Полињата стануваат еднолични до недоглед, доматите и јаболката се геометриски сè поправилни, а вкусот што го очекуваме – останал само во спомените.

Како врвно достигнување се нудат семиња фрнкенштајновски создадени во лаборатории, со авторски права како надомест, храната, со слаткоречива бруталност, се третира како трговска стока, масовно се произведува, станувајќи безвредна и еднолична. Корпоративна магла, за личен профит.

Нашата храна е под закана! Ја губиме секојдневно. Живееме во време кога таа е суштинско прашање за нашиот опстанок.

Климатските промени се очекува силно да влијаат на производството на храна во Република Македонија, најсилно изразено преку намалување на приносите кај културите што се одгледуваат без наводнување. Најголемата опасност им се заканува на фармерите во руралните средини.

Поттикнати од тоа, ние, делегатите на 1. Конгрес на Слоу Фуд Македонија, ја објавуваме оваа  ДЕКЛАРАЦИЈА со која си ги задаваме следниве предизвици:
– Здружени во Национална oрганизација „Слоу Фуд Македонија“, која ќе делува во согласност со принципите од Манифестот на Слоу Фуд и Статутот на меѓународната oрганизација „Слоу Фуд“, да создадеме видлива, цврста и витална организација, во која многубројни личности — активисти, производители, готвачи и експерти — ќе препознаваат можност за нова гастрономска култура и одржлив систем на храна, заснован на локалното;
– Да бидеме инспиратор и фасилитатор на национален дијалог за унапредување на системот на хана, поврзувајќи ги производителите, консументите, науката и државните институции;
– Да понудиме одржлив модел на храна, во кој ќе владее суверенитетот на храната, како одговор на ограничувањата што ги наметнуваат увозот на храна и амбициите на трговците и индустријата;
– Задоволството од храната да биде достапно за секого, без оглед на пол, раса, јазик, вероисповед, политичко мислење, лична и општествена положба;
– Храната произведена според традиционални методи да добие поголема видливост и достапност, преку организирање кампањи, настани и поддршка за локалните производители;
– Да се вложиме во заштита на семињата, како основа на биодиверзитетот и како клуч на суверенитетот на хрната во услови на климатски промени;
– Да ја негуваме растечката свест за придобивките од одржлива, локално произведена и сезонска храна, произведена според традиционални практики, по рецептури што сме ги наследиле од претходните генерации;
– Да бидеме активен чинител кој ќе создаде услови за надминување на системските алки што недостасуваат, преку изградениот партнерски однос со институциите за примена на европските практики во Македонија;
– Да ги заштитиме традиционалните јадења, со дефинирање на правилата на производство, изнаоѓајќи решенија за пристапот на производите до пазарот;
– Заштита на што поголем број производи со географска ознака, како одбрана од напливот на увезени производи што се декларираат како домашни;
– Воспоставување систем на употреба на локалните производи во угостителството, преку систем на соработка на готвачите и угостителите со локалните производители;
– Создавање услови за градење туристичка приказна и понуда на Македонија, заснована на мрежа од производители на локална храна.
– Да бидеме мост кон производителите, активистите, науката и креаторите на политики од светот, на сите што се посветено активни да го променат системот на масовно производство, во чиј вител страдаат биодиверзитетот и гастрономското наследство.
Придружи се на растечкото движење за промени! Придружи се на Слоу Фуд Македонија!
Нашата храна, наша иднина!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top