среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 93 ново

Промоција на книгата „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов

На 18 април 2018 година, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ќе се одржи промоција на книгата „Ѕвездено дете“ од авторот и илустратор Ване Костуранов. Промотор на книгата ќе биде Билјана Црвенковска, писател и уредник на литература за деца и млади во „Арс Ламина – публикации“.

„Ѕвездено дете“ е нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта и за едно дете – Ѕвездан – кое живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие… што понатаму ќе го одведе до нешто сосема, сосема неочекувано…

Ване Костуранов е македонски ликовен уметник и графички дизајнер. Тој е роден во 1979 година во Струмица и е самоук сликар кој досега има одржано 11 самостојни, а учествувано во повеќе групни изложби. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Активно се занимава со сликарство околу петнаесетина години и е препознатлив по неговите разнобојни куќи претставени на различни начини, кои се воедно и најчестиот мотив што се провлекува низ неговото творештво. „Ѕвездено дете“ е негова прва сликовница и е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top