среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Мицкоски: Македонија доби криминален картел на власт

Во мега интервју за Република со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски зборуваме за најжешките теми и прашања. За економијата, за информациите за криминал во владата, за спорот за името и политичкиот терор, како што велат од опозициската партија.

Неодамна во една преписка со премиерот Зоран Заев кажавте дека имате информации за криминал на владата и дека тоа не може да се сокрие, на што точно мислевте?

Мицкоски: Неспособноста да се реализираат проекти, хаотичноста и штетните потези во економијата се само едниот сегмент, но правењето криминал станува главна дејност на владата. Неодамна се сретнав со еден познат бизнисмен кој речиси триесет години опстојува и води повеќе компании. Вели: „Па вака како што се краде сега, не се крадеше ниту во транзицијата, нема институција која не е гнила и каде нема да ти побараат мито за да завршиш работа“.

И навистина. До нас стигнуваат бројни документи и информации за криминал кој се реализира на повеќе нивоа низ ешалоните. Обични граѓани доаѓаат и сведочат за голготата низ која минуваат за обични работи што треба да ги завршат. Бизнисмени сведочат за криминални дејства, но и луѓе од институциите со кои раководи Владата. Тие ни даваат информации и велат ваков грабеж немало досега. Ние прецизно прибираме и многу набрзо ќе ја информираме јавноста.

Дел од нашите сознанија веќе објавивме. Јавноста ќе дознае како се поништува активен тендер за ископ на јаглен во ЕЛЕМ и наместо да се избере втората најдобра понуда, се прави нов тендер со цена повисока за еден милион евра, притоа се пропишуваат услови кои може да ги исполни само една фирма во државава, па откако ќе стане очигледно дека се фатени во тесно, прават преправање на огласот и лажат за тоа. Ќе дознае и како, во друг случај, фирмата на партиски функционер на партијата на власт добива тендери од државна институција притоа со пропишани услови кои само неговата фирма може да ги исполни. Како се прави набавка на храна во одредени установи по двојно повисоки цени за да ги добие фирма блиска до власта. Како, во четврти случај, се прават милионски набавки во четири очи во здравството за тендерите да ги добие една компанија која е во најтесни врски со директорка на една од клиниките. Како се склучуваат договори за привремени вработувања со фирми блиски до власта и ред други случаи во кои постојат основани сомневања за криминал.

Најголемиот бран на сомнителни договори е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада. Сега никој нема контрола, што е можност во четири очи да се договараат тендерите. Зошто криминалот станува основната дејност на владата? Бидејќи знаат дека кратко ќе траат и наместо на работа, се фрлија на сомнителни бизниси и криминогени активности, бараат можност како може во овој кус период да се наполнат џебови и за народот ништо да не остане. Народот наместо ветениот живот доби криминален картел на власт.

 

Владата се пофали дека економијата е заздравена и дека Светската банка предвидува раст во наредниот период. Вашата оценка за економијата?

Мицкоски: Ќе ви кажам и за прогнозата, но најнапред да искоментирам за една друга појава. Наместо да имаме здрава дебата за проекти во економијата, за создавање на услови и подобра клима за бизнис, ги гледаме како првите луѓе на економија, министерот за финансии Тевдоски и вицепремиерот Анѓушев водат дебата за тоа колку поголеми даноци да наметнат, а згора на тоа премиерот Заев вели дека убавината била во тоа што имале различни мислења. Јас не гледам во што е убавината тука, што народот ќе плаќа повеќе и во првиот и во вториот случај? Неспособноста да создадат здрава економија ќе ја плаќаат граѓаните и од својот џеб ќе ја покриваат буџетската дупка која владата не знае како да ја пополни.

Што се однесува до извештајот на Светска банка, го толкуваат искривено и свесно занемаруваат одредени сегменти. Доколку се погледне внимателно, ќе се види дека откако Македонија заврши со нула раст наместо со пет проценти раст како што ветуваше владата, Светска банка ја намали прогноза за раст на БДП за Македонија за 2018 година од  3.2 проценти на 2.3 проценти. Причините за ова треба да се бараат директно во владата. Прво, потпросечното ниво на капитални инвестиции, за што повеќе пати предупредував, и второ што воопшто нема странски инвестиции. Светска банка тврди дека во периодот од 2017 до 2020 година растот ќе биде околу два проценти, што е далеку под ветувањата на владата.

Згора на сѐ, владата го зголеми државниот долг и се обидува да го сокрие тоа од јавноста. Велат дека долгот е 38,7 проценти, а тој реално изнесува 40,7 проценти.

Премиерот Зоран Заев вели дека имало напредок во однос на странските инвестиции. Мислите ли дека тоа ќе ја раздвижи економијата?

Мицкоски: Кога зборуваме за странските инвестиции и новите вработувања, зборуваме за дволичните политики на СДСМ. Го напаѓаа концептот на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување инвестиции, а сега, наместо да го надградат, сакаат катастрофално лошо да го ископираат. Јас ќе бидам најсреќен да има не 10, туку 110 инвестиции годишно, но нови странски инвестиции нема. Рекоа дека имало 10, па тие магично пораснаа на 18 странски инвестиции. За два-три месеци можеби ќе речат и 118 инвестиции, но во реалноста добро се знае дека нема ниту една фабрика која е отворена или за која е удрен камен-темелник. Единствените инвестиции се оние кои се наследени од претходната влада, дел како разговори во поодмината фаза, дел во процес на изградба. Не може да е нова инвестиција компанијата „Вик“, со која се водеа преговори уште од 2014 година, или компанијата „Лимак“, која е во Македонија од 2012 година, или отворањето на фабриката на американски „Адиент“ (поранешен „Џонсон контролс“) во ТИРЗ Струмица, инвестиција потпишана и реализирана во време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа влада со невидена леснотија ветува дека ќе имало ваква или таква инвестиција, но во суштина нема ништо. Ниту Гугл ниту Фејсбук не дојдоа. Згора на сѐ, излегуваат и кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ донело само 23 инвестиции, што е бесмислена лага. Само јас можам да ви набројам четириесетина кои дојдоа во и надвор од зоните, а ги има над 100. На крајот на краиштата, погледнете ги бројките на вработувања. За да привлечете странски инвестиции, потребно е да имате квалификуван кадар, а владата нема да понуди таков кадар. Тие што ги имаше ги избрка уште пред 10 месеци. На странци не можете да им пристапите со луѓе кои не знаат англискиот јазик, а не пак да склучите некаков договор со бизнисмен. Инвестиции нема и затоа што бизнис-климата е сериозно влошена. Кога ќе се заинтересираат за вас сериозните компании, тие прво ги отвораат на извештаите на меѓународните организации. Ќе видат дека државата е најкорумпирана во Европа, со планови за покачување на даноците и со растечки долгови, за кои нема изгледи да се вратат, со нула проценти раст на БДП.

 

Премиерот изјави дека е најпосветен на економијата, бидејќи имал добри министри за надворешни работи и за евроинтеграции. Поминуваат 10 месеци од нивното владеење. Како го оценувате овој период?

Мицкоски: Ако е точно дека е најпосветен на економијата, тогаш сигурно е најмногу посветен на сопствените бизниси, а не на економската благосостојба на граѓаните. Таму резултати нема. Улогата на Зоран Заев може да се спореди со коцкар кој тоне во долгови и концесии, кој понекогаш добива илјадарка-две на автомат, некој ќе го потчукне по рамо, но губи многу повеќе, задолжен е на сите страни. Концесии насекаде. Неостварени ветувања и обврски. Тие долгови ја влечат и државата надолу. Се обврза дека ќе го забрза патот на интеграциите на Македонија кон ЕУ и НАТО. Еве гледаме дека ништо не направи. Се обврза кон земјоделците, им ги скрати субвенциите. Еден проект не направи за младите. Се обврза кон докторите дека платите ќе им ги покачи, денар повисока плата не зедоа. Се обврза дека ќе има просечна плата од 500 евра, па и со наштелувана статистика не може да стигнат до таа сума. Се обврза дека ќе го реши името, па тоа е новиот долг на коцкарската политика на Заев. Подобрување нема во ниту една сфера. Кажете ми, каде се живее подобро? Ветуваа подобри услови за медиумите, но прашувам што е подобро во овие 10 месеци. Обвинуваа дека ВМРО-ДПМНЕ ги поткупува медиумите, а воведоа нова метода на притисок врз медиумите – ги корумпираат медиумите и ги држат во грч со страв. Ако не се послушни, тука е СЈО или ОЈО, сеедно. Видовме дека луѓе од власта не се воздржуваат да ги прекорат новинарите ако поставуваат незгодни прашања. Се сеќавате на „Тоа ќе ти биде последно прашање“. Затоа велиме дека станува збор за заробена држава.

Во економијата не направија ништо, и не затоа што како лидер на опозицијата морам да дадам некаква критика за економијата, туку затоа што тоа го потврдуваат фактите. Имаме најнизок раст на економијата во Европа во време кога другите економии од регионот и пошироко одат со големи чекори напред. Ако пред неколку години бевме примерот кој се следеше, сега соседна Србија прославува за стомилионски инвестиции на германски глобални корпорации, Бугарија прави мега инвестиции, за Хрватска да не зборуваме. И додека во овие земји спорат дали растот бил три или  пет проценти, ние имаме раст од нула отсто и премиер кој ни зборува за економија и чесност, а во исто време го гледаме како договара поткуп од 200 илјади евра и мува не го лази.

Заев вели дека нашле руинирано здравство и институции, кој е вашиот коментар?

Мицкоски: Видете, на власт во оваа држава веќе десет месеци се Зоран Заев и СДСМ. Претходно секој ден ги слушавме колку било катастрофално во секоја област, а сега имаме можност да видиме што прават или што не прават. Некои работи зависат само од нив. Пред изборите немаше митинг на кој Заев не вети дека ќе имало покачување на пензиите. Сега толку лесно, без нелагодност,  кажува дека нема да има покачување. Ветуваа плата од 100.000 денари за лекарите, но не им дадоа ништо. Покачувањето на платите не е ниту на повидок. Згора на се, продолжуваат со лаги, премиерот вели дека ќе имало повисоки плати откако ќе заштеделе од набавката на некаков лабораториски анализатор – шест милиони евра. Значи, лекарите ќе треба да чекаат апаратот да се купи поевтино. Добро, ќе заштедат, а што понатаму?! Плати треба да се исплаќаат секој месец. Истото важи и за платите на администрацијата. Не сакаат да обезбедат повисоки плати. И наместо тоа отворено да го кажат, премиерот и министрите удираат по административците де не биле вредни, де биле слаби, де немале резултати. Административците се добри онолку колку што се добри менаџерите на институциите. А колку се добри менаџерите, гледаме и по првите луѓе од владата, кои ништо не работат. Во тој хаос секојдневно ја дезинформираат јавноста, велеа дека има 180 илјади административци, Заев сега вели има 149 илјади административци, а министерот Манчевски, кој ги има реалните бројки, вели 128 илјади е целата администрација. Значи свесно лажат. Потоа премиерот вели дека 80 отсто биле сиромашни, а Државниот завод за статистика вели дека во 2016 година биле 21.9 отсто. Откако е Заев премиер, сиромаштијата пораснала за цели 60 отсто, или пак премиерот произволно си игра со бројките во зависност од дневните потреби?! Ветуваа брда и планини, а сега тие ветувања ги газат, и тешко им е да исполнат што било.

 

Но, на владата не ѝ беше изгласана недоверба. Дали тоа ве обесхрабрува?

Мицкоски: Кога знам дека она што го зборувам е вистина и кога знам дека аргументите се на моја страна, тоа ме мотивира. Опстојувањето на оваа влада во Собранието е резултат на бројки, пазарења и концесии, а не е резултат на реалното расположение кај граѓаните.

Премиерот Заев рече дека ќе имало реконструкција до крајот на месецот, очекувате ли зајакнување на капацитетите?

Мицкоски: Кога дрвото е на накриво засадено, накриво и ќе никне. Знаат дека оваа влада е неспособна и затоа ќе се обидат со реконструкција да купат уште некој период, но проблемот е далеку посериозен. Најавуваат дека ќе направеле реконструкција во владата, со изговор дека ќе внеле нова енергија. А од што се преморија? За 10 месеци што сработија? Ништо, големо. Ништо. Ако ова до сега што го правеа за нив е работа, како изгледа кога не работат!? Ако не си поднесе оставка некој министер, нема ни да знаеме дека е министер. Од друга страна, го слушам премиерот Заев како отворено, ноншалантно, си кажува дека главната причина за реконструкција било зголемување на парламентарното мнозинство, или со други зборови пазар за функции и места, а не со цел реално подобрување на нивното функционирање. Обична шминка зад која стои договор за позиции. Ништо друго. А додека тоа се случува имаме национален колапс. Се измисли закон за јазици. И што се доби?! Поделба на граѓанското ткиво, се направи поделба, не втурнуваат во табори, не двојат, прават граници и подигаат вештачки ѕидови само за да се доброволат нивните кариери. Во економијата цунами, во општеството национален колапс.

 

Да преминеме на политички теми. Името останува жешка тема. Премиерот е оптимист, дали сте и вие оптимист?

Мицкоски: Јас по природа сум оптимист. Но, за да бидам оптимист, треба да имам информации за таа тема, кои во моментов ги немам.

Премиерот Заев вели дека е оптимист и дека има прогрес во разговорите, а во исто време дава изјава дека е подготвен да ја заврши кариерата доколку тоа е цената на решавање на спорот. Прво, треба да објасни на што го темели оптимизмот. Ако тоа е нешто убаво, да се радуваме сите. Второ многу поопасно е тоа што тој со ова признава дека е подготвен да донесе решение кое нема да му се допадне на народот, решение за кое е свесен дека ќе значи крај на неговата кариера, што значи и дека концесиите се преголеми. Премиерот треба да се бори за државните и национални интереси и ако тоа го прави, тогаш нема од што да стравува.

Премиерот вели дека за решение фали уште малку и дека кај многу работи е постигнат напредок.

Мицкоски: Јас не знам за што е постигнат напредок, но знам кога има нелогични работи. Слушаме од Заев како вели дека има огромен напредок, остана уште името и опсегот на употреба. Тоа е исто како доктор на тешко болен пациент да му рече „знаеме од што боледувате, остана уште да го откриеме лекот“. Од друга страна вели дека е постигната и релативна согласност за идентитетските прашања, што исто така е неразбирливо, бидејќи идентитетот не познава релативни категории. Или го имате тоа право или не. Па згора на сѐ, на крајот премиерот вели дека бил за референдум, нешто за што е и ВМРО-ДПМНЕ. И тука можам само да кажам дека добро е што го следи ВМРО-ДПМНЕ, но суштината зошто бараме референдум не за Заев да го следи тој став, туку затоа што граѓаните на оваа земја имаат автохтоно право да одлучуваат за вакво крупно прашање.

Но, има и други предизвици надвор од прашањето за името. Дајте да ги видиме реалните приоритети во надворешната политика на владата. Кога се палат македонски знамиња во Атина, кога има извици на шовинизам и национализам од грчка страна, македонското МНР молчи. Но, затоа реагираат и праќаат соопштенија за поддршка на Саудиска Арабија, која била нападната од Хутите. Премиерот ја повика Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма, ама еве гледаме Ким Јонг-ун никако да се откаже. Да не беше трагично, ќе беше смешно. Тоа е исто како на мало дете од пред училишна возраст да му дадете да управува со хеликоптер.

Гледаме како во регионот се случуваат безбедносни потреси, како во Косово има тензии, на само 50 километри од Скопје, во Албанија има демонстрации, но премиерот не свика ниту еден состанок на тема безбедност, ниту пак дознавме дека се зголеми готовноста.

Оваа влада не е ниту економска, ниту реформска, туку ова е влада за едно прашање. Но и тука доживуваат дебакл.

Од медиумите дознаваме дека имало грчка нацрт-спогодба, па исто така од медиумите дознаваме дека имало и нацрт-спогодба од Македонија, па ако кажеме дека не сме информирани, постфестум ќе се јави премиерот или министерот за надворешни да каже дека ќе не информира, ама сето тоа откако ќе се случат работите за да не му замерат дека јавноста се држи под мраз. Исто така од медиумите дознаваме дека ќе има нова средба Димитров – Коѕијас, па ако нешто тргне како што не треба, еве ве уверувам, ВМРО –ДПМНЕ ќе биде виновно. И ова ви го кажувам не затоа што имам способност да предвидувам туку затоа што праксата покажува дека власта така функционира. Хипотетички тие може да си се договорат и да си се радуваат заедно со Грците, па откако ќе се израдуваат, да и кажат на нацијата дека постигнале решение. Решението мора да се темели државните интереси. Да го заштити нашиот идентитет. Видете, ќе ви кажам отворено, она што го прави сега оваа генерација на политичари кои се на власт, ќе ги следи целиот нивен живот. Евентуалното решение ќе ги следи сите идни генерации Македонци. ВМРО е свесна за овој историски момент. Се надевам дека и владата е свесна.

Што предвидуваат реформските закони, за што се имате усогласено?

Мицкоски: Ние имаме принципиелен став. Нашиот став е дека ВМРО – ДПМНЕ нема да биде пречка за реформските закони кои ќе им донесат на граѓаните бенефит, подобрување на процедурите и кои се од нивен интерес. Изминатиот период претставници на ВМРО-ДПМНЕ преговараа, јас би рекол ги сработеа содржините на реформските закони. За тие за кои имаме постигната согласност и кои се од интерес на татковината и на граѓаните ќе ги поддржиме. Таков е законот за заштитени сведоци и законите за ОТА и следење на комуникациите. Забелешките кои ВМРО-ДПМНЕ ги имаше, а кои беа од суштинска природа, се прифатени и усвоени од страна на парламентарното мнозинство, иако за усвојување на првиот закон, а согласно собраниските процедури, е потребно мнозинство од 61 глас во Собранието. Можам да заклучам дека за време на преговорите помеѓу работните групи, ВМРО-ДПМНЕ презентираше, а потоа и ги аргументираше забелешките на владините предлози и успеа да победи заштитувајќи го интересот на граѓаните и на државата. Продолжуваме со работа на реформските закони и во иднина, а после секое нивно усогласување истите ќе бидат процедурирани согласно усвоената методологија.

 

Очекувате ли позитивна препорака од Европската Комисија?

Мицкоски: Да, очекувам и ние како опозиција придонесуваме на тој план затоа што тоа е од државен интерес. Македонија се очекува да добие позитивна препорака, какви што доби во минатите години – од 2006 година седум години по ред, и потоа условена препорака поради политичката криза во која влезе државата. Но, исто така, очекувам и конечно да се додели и датум за преговори. Македонија е дел од Европа и наш интерес е што побрзо да бидеме дел од Европското семејство, во заедницата на рамноправни држави каде најдобро ќе се бориме за нашите државни и национални цели.

Во неколку наврати споменувате дека политичкиот терор во државава е во полн замав. На што точно мислите?

Мицкоски: Ќе ви кажам и за политичкиот терор. Тој се одвива на повеќе нивоа. Од обични граѓани вработени во администрација кои ги бркаат само поради партиски реваншизам, па се до поранешни функционери. Избрале педесетина имиња, и секој ден вежбаат строгост и се изживуваат врз тие луѓе. Те ги пуштаат, те не ги пуштаат од затвор, ако ги стават во Шутка, задолжително ќе ја добијат најлошата келија, ако може и кревет од железо без душек, и соба со под од песок. Нивните имиња се ставени на столбот на срамот, сакаат да го извалкаат угледот на нивните семејства. Тие 50 семејства им се таргет и секогаш кога ќе притреба да се оттргне вниманието, тогаш вадат по нешто. Македонија е мала држава, ние не сме многуброен народ, ќе дојде време ќе затропа одговорноста на врата, а одговорноста мора да има и презиме. Ќе одговараат, не затоа што ние или јас ќе се осветувам или сум злопамтило, туку затоа што ги кршат правилата, ги кршат процедурите, затоа што прво апсеа па потоа им симнуваа имунитет на пратеници, затоа што со специјалци малтретираа пратеничка пред нејзините маолетни деца, затоа што удрија и по обичен народ, пред луѓе кои немаат врска со криминал.

 

Дали сметате дека се злоупотребува мерката притвор?

Мицкоски: Да, се злоупотребува. Се злоупотребува кога се редат луѓе внатре, се злоупотребува кога се пуштаат на ден-два надвор па повторно се враќаат. И да, јас сум да излезат од притвор сите политички затвореници, а има многу такви. И сега сигурно ќе ме потпрашате, како е тоа можно кога Заев е извршна власт, а тоа е работа на судскиот и обвинителскиот систем. Јас ќе ви кажам тој, Заев, е одговорен да создаде амбиент, исто како што создаде амбиент истите лица да влезат во затвор поради политички причини. Но, исто така да не заборавиме дека додека имаме политички затвореници имаме осуденици кои оваа власт ги амнестираше, па така нема виновници во затвор за тројното убиство на полицијаците во Арачиново од 2000 година, на слобода се и убијците на децата од Смилковското Езеро, на слобода се стотици осудени криминалци кои оваа власт ги амнестираше. Тоа не е правда, тоа не е праведност.

 

Каква разрешница очекувате за случајот за настаните на 27 април?

Мицкоски: Случајот 27 април е уште еден доказ за политичкиот терор на власта. Колку повеќе притискаат, колку повеќе сеат магла за овој случај, толку е поочигледно дека така сакаат да избегаат од одговорноста дека тој ден преку нелегитмна и нелегална постапка се избра претседател на собранието. Значи сопствениот срам сакаат да го покријат преку неиздржани конструкции и во лов на, таканаречени, терористи. Ајде да видиме кој се терористиве – шест пратеници, оперски пејач, актер, режисер, пораншен министер тогаш директор на бирото за безбедност. И додека ова се случува никој не поставува прашање-прво, како е можно директорот на БЈБ да одговора за непостапување, а министерот Нухију кој ја имал златната команда да е нечепнат. Второ, имаше информации министерот Нихју во исказот пред обвинителсство кажал дека таа ноќ наводно постоеле информации и опасност дека вооружени групи од Чаир и околни места се спремаат да тргнат кон Собранието, дека ќе се мобилизирале борци на УЧК. Чекајте ова го вели министерот за внатрешни работи! Како до сега никој од обвинителството и од МВР не превемало мерки да ги испита овие наоди и да превземе мерки.

Трето, како тоа оние кои го испровоцираа народот тој ден да дејствува остануваат нечепнати.

Сега имаме една срамна епизода од македонската историја каде на пример наместо власта да тргне во лов по инвестиции, главна преокупација и е ловот на патриоти кои таа ги атемнисува и предвреме прогласува за терористи. Ова лудило мора да престане. Зарем сметаат дека вечно ќе владеат, дека вечно ќе можат да штанцаат измислени обвиненија, дека се недопирливи, дека нема да одговараат за ова насилие кое што сега го прават.

Кај дел од медиумите постојано тема  се Вашите односи со вашиот претходник Никола Груевски. Како реагирате на ова?

Мицкоски: Ќе ме зачудеше да поминеше интервју без ова прашање. Но интересно е како јавниот простор многу повеќе го окупираат прашањата поврзани за ВМРО – ДПМНЕ, а многу помалку за СДСМ, на тие милјадра пропусти и скандали кои ги прави владата секојдневно. На овие прашања сум одговорал најмалку 10 пати, и повторно ќе го одговорам истото. Но знаете што, поважно од тоа какви односи имам со Груевски, од тоа кога сме се виделе последен пат со Груевски, каде му е канцеларијата, какви односи имаме со Илија Димовски, е кој ги оркестрира и наметнува ваквите теми и прашања, и кому тоа му одговара додека криминалците на власт ја ограбуваат државата, и државата се движи кон сигурна бездна. Дајте да зборуваме за тоа. Да зборуваме за тоа што владата за само дваипол месеци го задолжи секое семејство со по 1 200 евра. И не можам да разберам зошто ова е помалку важно од тоа какви односи имам јас со Груевски.

 

Има еден сегмент од десното гласачко тело кое е раслоено и кое ве обвинува за млакост. Што е вистината?

Мицкоски: Јас во мојот живот ништо немам договорено надвор од моите принципи, немам ниту една концесија спрема никого, и тоа нема да го направам по ниту една цена. И второ оваа битка на ВМРО ќе ја добиеме, но потребна е мудрост и подготвеност. На оние кои сега критикуваат ќе им порачам – ако борбата против неспособноста влада на СДСМ им е пред личните агенди тогаш сите се добредојдени. Нивното место каде природно припаѓаат е ВМРО, а ВМРО е подготвено да ги прими сите и тие ќе си најдат место во фронтот за пораз на оваа власт, како што и постојано доаѓаат и ни се приклучуваат нови луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top