понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 71 ново

Османи: Треба да реагираме на кршењето на Уставот од страна на Иванов

Државата мирно гледа како првиот човек одговорен за заштита на Уставот најфлагрантно го крши Уставот и со тоа не ја почитува волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија. Треба да реагираме сите бидејќи тоа создава ситуација на преседан кога преку кршење на Устав ќе создадеме правни дејствија во секојдневниот живот и во политиката и на тоа треба да реагираат независно дали се работи за Законот за јазици или за некој друг закон.

Ова го истакна вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи во врска со непотпишувањето на Законот за јазици од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Османи, заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска имаа отворен брифинг пред македонските медиуми на тема „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“ во организација на Владата на Република Македонија.

– Иванов имаше последна шанса во последните месеци од неговиот мандат да стави најмала трага за кохезивноста на општеството и за унитарноста на државата, нешто што не го направил во текот на десетте години од неговиот мандат. Има уште можност тоа да го направи и да напише нешто во таа негова бела книга на негово претседателствување. Има и други начини како може да стапи во сила и тоа правните експерти ќе го кажат, има бројни искуства во минатото како стапувале во сила закони и без потпис на претседателот. Се разбира тоа ќе биде прашање на договарање и на консултација со правните експерти, рече Османи.

Најважно е, посочи, што правиме ние како општество кога дозволуваме создавање на политичка ситуација преку кршење на Уставот независно дали се работи за Законот за јазици или за некој друг закон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top