сабота, 21 јули 2018 | Вести денес: 71 ново

Заврши пеколот во Подгорица – Будуќнот на чекор од трофејот

Шампионот на Црна Гора во сабота ќе има меч топка за трофејот во регионалното натпреварување откако вечерва на првиот натпревар пред своите фанови ја победија Црвена звезда со 78-77.

Будуќност добро го започна мечот, ја контролираше играта и на средината од првата четвртина дојде до +6 (14-8). Но потоа следеше одговорот на Звезда, Фелдин сврза пет поени, Рочести погоди тројка и гостите поведоа со 16-18. До крајот на првите 10 минути, домаќините одново се вратија во предност и овој дел го решија во своја корист со 24-23.

Избраниците на Џикиќ ја одржуваа предноста се до средината на втората четвртина, кога Црвена звезда го подигна нивото на игра стигна и до највиски +7 за на пауза да замине со предност од 42-47.

Во првиот дел од третата четвртина се играше кош за кош, гостите ја одржуваа предноста, но потклекнаа во финишот кога Будуќност се врати во водство од 68-64 и најави супер интересни завршни 10 минути.

Двете екипи можеби потфрлија со реализацијата во последната четвртина, имаа еден куп промашувања но затоа пак финишот од мечот беше мошне драматичен. Црвена звезда имаше шут за победа во последните секунди, најпрво Фелдин промаши тројка, а одбиената топка во кошот не успеа да ја смести ниту Лесор, па Будуќност се радуваше на голема победа за 2-1 во финалната серија.

Гордиќ со 17 поени беша најпрецизен во редовите на домаќините, Николиќ постигна 12, а по 10 поени имаа Ивановиќ, Баровиќ и Гибсон.

Во редовите на Црвена звезда прв играч беше Фелдин со 19 поени а Омниќ постигна 18. Нашиот Перо Антиќ не беше во комбинација за овој меч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top