четврток, 26 април 2018 | Вести денес: 99 ново

Се чека одговор од Фејсбук дали има македонски граѓани во скандалот со Кембриџ Аналитика

Ниту еден граѓанин од Република Македонија досега не се обратил до Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) со преставка или прашање за злоупотреба на лични податоци поврзано со скандалот со Фејсбук и Кембриџ аналитика. ДЗЛП се обратила до Фејсбук со официјално барање да добие информации дали лични податоци на граѓани од Македонија се злоупотребени во врска со овој случај. До денеска одговор од Фејсбук во врска со ова прашање нема.

Генералниот секретар на Дирекцијата Игор Кузевски за МИА изјави дека досега нема граѓани кои се обратиле до нив, а во врска со злоупотреба на лични податоци во скандалот со Фејсбук и Кембриџ аналитика, иако до нив секојдневно пристигнуваат преставки од граѓани поврзани со социјалните мрежи конкретно Фејсбук, Инстаграм итн.

– Без разлика дали на граѓаните им се злоупотребени личните податоци или не, прв совет е тие како превенција да направат промена на своите лозинки на своите Фејсбук профили. Овој скандал може да го врземе со два пристапа, едниот е улогата на државата во сегментот на заштита на лични податоци и вториот, што за мене е поважен, е улогата на самите граѓани во однос на нивната приватност. Тие сами со своето поведение довеле или доведуваат да бидат жртви на сајбер криминал поврзан со социјални мрежи, потенцира Кузевски.

Исто така, од ДЗЛП потенцираат дека граѓаните треба да ги користат алатките за приватност што ги нуди социјалната мрежа Фејсбук, но и оти повеќе информации и насоки за користење на социјалните мрежи може да најдат на веб страницата www.deleteme.mk.

Од почетокот на годината до дирекцијата се поднесени вкупно 86 преставки за Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, од кои 48 биле за лажни профили на Фејсбук или на Инстаграм, 37 за хакирани, а едно е за лажно видео поставено на Јутјуб.

Кузевски потенцира дека ДЗЛП, како и повеќето органи за заштита на лични податоци од земјите во Европската унија, со официјален допис се обратила до административниот тим на Фејсбук со барање на одговор дали и колку граѓани се афектирани директно или индиректно со скандалот со Фејсбук и Кембриџ аналитика.

– Барањето е испратено веднаш по избивањето на скандалот по електронски пат на официјалната е-маил адресата за комуникација која што Дирекцијата ја има воспоставено со административниот тим на Фејсбук. До овој момент немаме добиено никаков одговор, ниту позитивен, ниту негативен, рече Кузевски.

Во случај ДЗЛП да не добие одговор од Фејсбук, генералниот секретар на Дирекцијата вели дека ќе се искористи алатката за меѓусебна комуникација на ниво на ЕУ во која што Македонија е вклучена како земја-кандидат за членство.

– Ќе го изложиме прашањето или проблемот како таков дека не сме добиле одговор во разумно време. Ќе прашаме дали другите земји добиле одговор. На база на искуства ако некаде е добиен одговор, тогаш ќе доставиме уште едно барање. Доколку, пак, ниту една од земјите не добие одговор, во тој случај веројатно ќе се договориме заеднички како земји и како органи за заштита на лични податоци да се обратиме заеднички, рече Кузевски за МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top