четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 4 ново

На Шилегов му пречат кафеаните: Ќе им црта до каде да ги пуштата терасите

Со боја ќе се обележи до каде кафанџиите ќе може да поставуваат маси и столови на јавните површини, предвидено е со измените на стандардите за поставување урбана опрема во Скопје, усвоени на вчерашната Седница на Град Скопје. Измените предвидуваат при поставување на привремените објекти и урбаната опрема монтажната платформа да биде максимум до 15 см, освен на места каде што треба да се нивелира. Освен тоа, се предвидува и минималната слободна пешачка површина од рабникот на коловозот или велосипедската патека да е 2,5 метри. На оние тротоари каде што има дрва, столбови и клупи просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри. Со овие измени ќе се става ред во узурпацијата на јавниот простор од страна на кафанџиите и ќе се униформираат објектите.

-За да нема разноликост ќе се направи категоризација на урбаната опрема и привремените објекти, ние не сакаме да импровизираме. Во старт ќе го означиме местото за поставување на опремата во случајот летните тераси со што се олеснува работата и на инспекциските служби кои ќе извршат увид и полесно ќе може да воочат дали има отстапки од елаборатите за летните услови и состојбата на терен, посочи скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

При поставување на натстрешниците минималната слободна височина ќе изнесува 3,2 метри. Страните на настрешниците не смеат да се затворат со најлон или каков било друг материјал. Натстрешниците не треба да се прицврстени на јавни површини.

Поставувањето на летните тераси официјално започнува од 15 април. Елаборатите на за поставување на урбана опрема на угостителите треба да им се усогласени согласно новите измени кои стапија во сила вчера веднаш по усвојувањето на новините од страна на советниците.

Советниците од СДСМ посочи дека униформираноста на објектите е неопходна бидејќи многу се злоупотребувале елаборатите, па наместо угостителите да користат површина од 5 квадратни метри, узурпирале десетпати повеќе од јавните површини, па пешаците нема кај да се движат.

Посебно ваква е ситуацијата во Старата чаршија, посочија советниците што било и мотив да се стандардизира урбаната опрема.


Извор: Вечер.прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top