четврток, 26 април 2018 | Вести денес: 103 ново

Затворена кујната во хотелот во Велес каде фудбалерите на Пелистер добија труење

По саботното труење на 12 фудбалери на ФК Пелистер Агенцијата за храна и ветеринарство презела мерки за расчистување на случајот а како прва е затворање на кујната од објектот. Заедно со стручни лица од Центарот за Јавно здравје Велес и од Санитарно-здравствениот инспекторат извршена била вонредна инспекциска контрола на угостителскиот објект, за кој прецизираат дека станува збор за хотел.

Земени се мостри од храната која се послужувала како и брисеви од работните површини, апаратите и вработените во кујната. Од страна на инспекциските служби на Агенцијата, кујната на хотелот е времено затворена. Наложени се мерки за механичко чистење и комплетна дезинфекција на просторот и приборот кој се користи во неа, извршување на вонредна дезинсекција и дератизација, како и на вршење на вонредни санитарно – хигиенски прегледи на вработените лица во кујната.

По спроведувањето на наложените мерки, инспекциските служби ќе извршат дополнителна контрола и повторно ќе земат брисеви. Кујната ќе биде пуштена во употреба по добивање на задоволителен лабораториски наод со кој ќе биде потврдена безбедноста – пишува во писмената информација од Агенцијата за храна и ветерина.

Од Санитарно-здравствениот инспекторат најавија дека во текот на утрешниот ден, треба да ги добијат резултатите, кој се изведуваат во лабораторијата на Центарот за јавно здравје Велес, по што ќе кажат што била причината за труењето. Фудбалерите на битолскиот прволигаш Пелистер на пропатување во саботата ручале во Велес во 12 часот а веќе во 12,30 се јавиле првите симптоми. Од 20 члената група 12 лица се пожалиле на повраќање и стомачни тегоби, па беа задржани во инфективното одделение на Општата болница Велес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top