понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 73 ново

Мицкоски: Владата се однесува егзибиционистички кон спорот со името

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното емитување на телевизија Телма во Топ Тема кажа дека владата на СДСМ и Заев се однесуваат егзибиционистички кон спорот со името помеѓу Македонија и Грција.

Како што потенцираше Мицкоски на лидерската средба која што ја имале во минатото се договориле дека секој нареден чекор кој што ќе биде поврзан со преговорите за името, ќе бидат известени како опозиција.

Но, тоа не се исполнило од страна на владата на СДСМ и Заев бидејќи сите информации ги дознавал од медиумите.

– Ќе имаме лидерска средба после Велигден и претпоставувам дека на таа средба ќе не информираат како течат преговорите. Но, она што повторно го прави егзибиционистички целиот процес е оној документ кој што Коѕијас го донесе во Македонија на 20 страни. Потоа СДСМ така брзоплето им врати документ на 5 страни и тоа го разбрав од медиумите, кажа Мицкоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ има достапност до стратегијата која што грчката страна ја испратила во Македонија, и македонската стратегија во Грција, Мицкоски појасни дека тие немаат информации и не знаат ништо за тие стратегии, нарекувајќи го и овој потег егзибиционистички од страна на владата на СДСМ.

Мицкоски посочи дека овој процес кој се води за спорот со името значи иднина на државата и за идните генерации, истакнувајќи дека оваа влада мора да се однесува одговорно, а не егзибиционистички како во моментот што тоа го прави. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и тој како претседател на партијата секогаш ќе бидат на страна на народот, бранејќи ги националните и државните интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top