четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 4 ново

Олгица Ѓоргиева го затвори 17. издание на Моден викенд Скопје

Последната вечер на седумнаесеттиот Моден викенд Скопје публиката виде пет ревии вчеравечер во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.

Вечерта започна со ревијата на младата дизајнерка Сара Реџиќ која го потпишува брендот „Sari Gi“ и нејзината колекција „La vie en rose“. За колекцијата вели: „Жените се херои на секојдневието. Во природата на секоја жена постои едно ’розово’ катче. За да успее да го преброди денот, обврските, животот, жената има потреба одвреме-навреме да побегне во својот ’живот во розово’, да блесне, да зачекори како кралица. Токму таму е нејзиниот “La vie en rose” свет од кој црпи сила на животот и светот да гледа со розови очила.“

Од брендот „YILKA BRADA“ од Косово ја видовме колкцијата „Modish“ .
„ Времето поминува и луѓето се менуваат заедно со нивните извонредни храброст и внатрешни соништа. Денес секој од нас сонува многу. Денес секој од нас има уникатен начин на изразување. Оваа колекција доаѓа со силна порака и претставува природен начин на изразување на себеси без всушност да се грижиме за очекувањата на другите. “, рече Брада за новите креации.

Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“ која со години изработува најразлични дела прикажа нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе.

За прв пат на Моден викенд Скопје „Ателје Магдалена“ ги претстави креациите од колекцијата „Будење“.

„Женскиот фундамент е основната точка на оваа колекција. И прва и последна. Љубов. Потребата да се биде своја, симбиоза на различностите карактерите, слободата на украсувањето на сопственото тело раскажани во несекојдневните модели создадени од жената за жените. Контрастот на нежнотијата и силната жена се споени во колекцијата „Будење“. Разбудени, среќни, полни со живот“ вели Магдалена Нешковска.

Седумнаесеттиот Моден викенд Скопје се затвори со ревијата на Олгица Ѓоргиева и нејзината колекција „Destination“ поддржана од „Биси“, „Soul Kitchen Bar“ и „Bella Vista“. Инспирација за колекцијata е книгата „Мемоарите на една гејша” од Артур Голден.

„Моделите се со чиста линија, минималистички израз, на моменти материјалите с облагородени со детали или принтови. Станува збор за многу практични и комерцијални парчиња. Доминантна е белата боја во целата колекција, а од материјалите се застапени вискоза, памук, жоржет и верзии на сатени. Парчињата се лесни за комбинација, така да во зависност од стајлингот што ќе се направи, би можеле да се носат во повеќе пригоди“, вели дизајнерката Ѓоргиева.

Моден викенд Скопје за сезоната пролет-лето 2018, се одржуваше од 30 март до 1 април под мотото „What feeds your imagination?“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top