понеделник, 23 јули 2018 | Вести денес: 80 ново

Заев за одлуката на Влада за Казандол: Се раскинува договорот за рудникот поради неисполнување клучна обврска (видео)

Премиерот Зоран Заев по повод донесената одлука за раскинување на договорот за рудникот Казандол се обрати на јавноста. Во продолжение го објавуваме обраќањето во целост:

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Владата на Република Македонија е целосно посветена на економскиот раст, и на заштита на здравјето на граѓаните.

Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес, еколошката безбедност на државата е над било кој приватен интерес.

Оваа порака денеска ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци и Дојран, но и до сите жители на Република Македонија.

Денеска донесовме одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, врз основа на член 44 став 3 од законот за концесија и јавно приватно партнерство.

Со оваа одлука, договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, бр 24-64/9 од 27.02.2015 година еднострано се раскинува од страна на концедентот т.е. државата, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од договорот за концесија односно во рок од 2 години од денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда.

Предвидениот рок од 3 години според член 13 став 1, е суштинска состојка на договорот бидејќи е даден како услов во јавниот повик и тендерската документација.

Со денот на влегување во сила на оваа одлука, престанува да важи одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на друштвото за експлоатација преработка и производство, САРДИЧ МЦ ДООЕЛ УВОЗ-ИЗВОЗ -Скопје на локалитетот Казандол на споменатите општини, и бр. 42 – 719 / 1 од 02.02.2015 година, објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 17/15.

Секако оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top