петок, 22 јуни 2018 | Вести денес: 112 ново

Марија Илиќ, Моден викенд Скопје: Младите дизајнери се креативната сила на државата и заслужуваат шанса да ја покажат својата работа

Секој дизајнер има своја публика, според личниот сензибилитет или стилот кој му се допаѓа некому или пак креации кои лично не му прилегаат, но му се допаѓаат. Невозможно е стиловите на сите дизајнери и нивните креации да ви се блиски, така е и во други сфери. Веруваме дека младите дизајнери се креативната сила на државата и заслужуваат шанса да ја покажат својата работа. Според мене, докажаните дизајнери треба сепак да одржуваат континуитет во прикажување на нови колекции во рамките на сопствените капацитети, вели Илиќ во разговор за „Република“

Под мотото „Што ја храни вашата фантазија“(What feeds your imagination?) од 30 март до први април ќе се одржи 17. издание на Моден викенд Скопје во нов и необичен амбиент – Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

– Во Скопје е ограничен бројот на објекти и локации кои би одговарале на техничките услови кои ни се потребни. Постојано сме во потрага по нови места кои некогаш комплетно ги менуваме и адаптираме. Низ сезоните повеќе пати сме имале ревии на сосема неочекувани локации и објекти. Во библиотеката се вљубивме на прв поглед – вели во интервју за „Република“ Марија Илиќ, одговорна за односи со јавноста во Моден викенд Скопје.

Илиќ веќе деветта сезона е дел од тимот кој го организира најголемиот моден настан во Македонија. Во шега вели дека во деновите кога се одржуваат ревиите ја полни батеријата на мобилниот телефон двпати на ден. Секој сака да дојде на некоја ревија, да види и да биде виден. Заедно со Света Богова Јовановска се одличен тим и се најзаслужни за најголемото модно случување во Скопје. Тие денови кога се одржува Модниот викенд Скопје е поубав град за живеење.

Марија, што ја храни твојата фантазија?
ИЛИЌ: Позитивната емоција и желбата да успеат сите работи кои ги посакувам на различни животни полиња, се мојата најголема храна за фантазијата. Уште подобро е кога фантазијата ќе си ја реализираме во реалноста. Верувам дека секој од нас во себе носи еден имагинарен свет кој го храниме со најинтимни желби, убави сеќавања, прифаќање на помалку убавите нешта и едно мало „пријателче“ наречено интуиција кое почесто треба да го слушаме.

Моден викенд Скопје секогаш е оригинален, посебно со избирање на локации за своите изданија. Зошто оваа година ја одбравте НУБ „Климент Охридски“?
ИЛИЌ: За нас како организатори е највозбудливо кога сме во можност да понудиме нова локација која на посетителите низ ревиите и амбиентот ќе им понуди сосема поразлично доживување од претходните изданија. За жал, во Скопје е ограничен бројот на објекти и локации кои би одговарале на техничките услови кои ни се потребни. Постојано сме во потрага по нови места кои некогаш комплетно ги менуваме и адаптираме. Низ сезоните повеќе пати сме имале ревии на сосема неочекувани локации и објекти. Во библиотеката се вљубивме на прв поглед и имавме голема среќа што нивното раководство ја препозна нашата идеја и со задоволство ја прифати. Во ерата на социјални мрежи и кога поради сменетиот начин на живеење, речиси се што читаме е токму таму, би сакале особено помладите да ги предизвикаме да им се вратат на читање квалитетни дела.

Како и секое издание, и ова, 17. по ред, имате богата и интересна понуда на ревии. Се забележува дека акцентот е на младите дизајнери. Вие што ќе препорачате, која ревија не смее да се пропушти?

ИЛИЌ: Секој дизајнер има своја публика, според личниот сензибилитет или стилот кој му се допаѓа некому или пак креации кои лично не му прилегаат, но му се допаѓаат. Невозможно е стиловите на сите дизајнери и нивните креации да ви се блиски, така е и во други сфери. Веруваме дека младите дизајнери се креативната сила на државата и заслужуваат шанса да ја покажат својата работа. Според мене, докажаните дизајнери треба сепак да одржуваат континуитет во прикажување на нови колекции во рамките на сопствените капацитети.
Верувајте, не станува збор за дипломатски одговор од позиција на човек од организација, но ќе речам дека оние кои имаат покана за речиси секоја ревија навистина ќе имаат што да видат.

Во Моден викенд Скопје сте скоро од почетоците на овој најголем моден настан во државата. Заедно со Света Богова Јовановска сте алфа и омега во модниот свет кај нас. Се доживувате така?
ИЛИЌ: Ова е многу голем комплимент, но, сепак, без лажна скромност, ќе речам дека колку и да сте успешни секогаш има нешто кое можете и треба да го правите подобро. Во секоја професија секогаш има простор за надградување, едноставно нема и не треба да има лимити. Самокритичноста и цврстото стоење на земја се добри сојузници за да бидете подобри во она што го работите. Нашиот тим е неверојатно упорен и со голема љубов кон она што го работи. Моден викенд Скопје треба топрва да расте и да се развива, има уште толку многу нешта кои сакаме да ги направиме заедно со македонските дизајнери.

Марија Илиќ и Света Богова Јовановска

 

Во сите овие години сте имале успешни и некогап помалку успешни изданија. Кој Моден викенд ви оставил најголем впечаток?
ИЛИЌ: Зависи кои се мерилата за да речете успешен или помалку успешен настан. За секого различна е перспективата од која ја оценува успешноста на едно издание. За нас секој Моден викенд е посебна приказна и комплетно се вложуваме за се да биде најдобро што може. Кога дизајнерите се задоволни од она што го сработиле и како се претставиле и ние сме задоволни. Сите други пропратни елементи кои се дел од настанот, а не се ревии, се само јаготка на шлагот.

Марија Илиќ во креација на Алшар

Позната сте како љубител на македонските дизајнери. Чиј дизајнерски фустан ќе го носите на отворањето на 17. издание на Моден викенд? А што планирате за затворањето?

ИЛИЌ: Ја почитувам работата на сите домашни дизајнери, без разлика дали носам нивни креации или дали биле или не се учесници на Моден викенд Скопје. Но, како што кажав, невозможно е креациите на сите дизајнери да му прилегаат на мојот личен стил и затоа има неколку дизајнери од кои со големо задоволство носам креации и приватно и службено. Некои од нив се Јована Филиповиќ, Мила Кадриу, Александра Митковска, Силвија Михаловска, Наташа Карчева.. Всушност за отворањето ќе носам токму креација од Карчева од ателјето „Ал Апарел“. За другите два дена како и секогаш веројатно ќе одлучам во последен миг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top