недела, 15 јули 2018 | Вести денес: 75 ново

Вучиќ закажа итна седница на српскиот Совет за национална безбедност

Претседателот на Србија Александар Вучиќ за утре закажа итна седница на српскиот Совет за национална безбедност без да ја наведе причината и темата на заседанието, но како што тврдат белградските медиуми, една од темите ќе биде косовското прашање.

Вучиќ денеска имаше средба со австрискиот амбасадор во Србија, Николаус Лутероти, кого. како што соопшти неговиот кабинет, го запознал „со неодржливата состојба на дијалогот меѓу Белград и Приштина, бидејќи Србија во целост ги исполнила обврските од Бриселскиот договор, додека другата страна нема направено ништо околу прашањето за Заедницата на српски општини (ЗСО), како единствена обврска која ја имале Албанците за исполнување“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српскиот претседател минатата недела во САД за косовското прашање разговараше со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и со преставници на американската Администрација.

Во петокот тој имаше трилатерален состанок во Брисел со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и со косовскиот претседател Хашим Тачи, по што изјави дека „неформирањето на ЗСО не е само вина на Албанците, кои немаат намера да ги исполнат обврските“ и дека Србија „нема да ги загрози своите државни и национални интереси за некои во ЕУ да бидат задовлни“.

Српската Влада пред три дена го забрани ракометниот натпреват меѓу Србија и Косово, што требаше да се одигра во Ковилово.

Пред два дена шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, поради неспреоведувањето на договорот околу ЗСО, изјави дека ќе му предложи на Вучиќ да го повлече потписот од Бриселскиот договор.

Во меѓу време, заменик командатот на косовската полиција Бесим Хоти изјави дека интервентите единици во северно Косово нема да му дозволат на директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ да влезе на косовска територија.

Ѓуриќ денеска требаше заедно со генералниот секретар на српскиот претседател Никола Селаковиќ да присуствува на панелот посветен на внатрешниот дијалог за Косово во Косовска Митровица

Влез во Косово денеска им е забранет и српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој требаше да посети едно семејство на Срби во Косовска Митровица, како и на министерот за култура Вна Србија, Владан Вукосављевиќ, кој требаше да посети манастири во Косово.

Српскиот Советот за национална безбедност е тело на чии седници се разгледуваат прашања и се носат решенија од областа на одбраната, внатрешните работи и дејноста на службите за безбедност, како и за состојбата во Косово, борбата против организираниот криминал и мигрантите.

Членови на Советот се шефот на државата, претседателот на Владата, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за правда, началникот на Генералштабот на Војската на Србија и директорите на безбедоносно-разузнавачките служби БИА, ВБА и ВОА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top